Витамника во Брилијант ги врати сите поранешни 70 работници

Штип, 30.07.2018

Штипската фабрика за масло Брилијант, со години позната по својот истоимен бренд, а која беше важен фактор во штипската локална но и во државната економија, од февруари месец годинава е дел од големото, успешно семејство на прилепска Витаминка. Прилепската компанија потпиша купопродажен договор со Комерцијална банка која имаше хипотека врз Брилијант.

Во сопственост на прилепската компанија премина недвижен имот, објекти од 4.956 метри квадратни, и земјиште со право на сопственост од 21.592 метри квадратни, подвижни ствари како и правата од индустриската сопственост, а се во вкупна вредност од 7,3 милиони евра.

Витаминка експресно го рестартира производството во фабриката во Штип за кое на работа се ангажирани поранешните 70 работници.

Прилепската компанија како лидер во прехранбената индустрија во Македонија, изврши модернизација и автоматизација на техничко-технолошкиот процес, комплементарност и интегрирање на производството. Според информациите кои ни ги дадоа од компанијата, оваа инвестиција значи спроведување и конкретни чекори во реализизацијата на нивната деловна стратегија.

„Со оглед на фактот дека за голем дел од своите  производи Витаминка во производниот процес одамна не користи хидрогенизирани масти, масти со штетни трансмасни киселини, обична палмина маст и слично, новото масло за јадење Брилијант е создадено токму за да ги исполни постигнатите критериуми и воспоставените производни стандарди“, велат од Витаминка.

Новиот Брилијант е веќе достапен на пазарот со препознатливиот изглед, но со помодерен мал дизајн на етикетата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе