ВМРО-ДПМНЕ пред изборите се сети на затворените, најавува „македонска пролет“

Штип, 21.03.2021

ВМРО-ДПМНЕ денес организираше протест пред Казнено-поправниот дом во Штип под мотото „Собир за слободатa“,  а во одбрана на „уставобранителите“ кои одлежуваат казна затвор за тепањето во Парламентот на 27 април.

„Денес ние младите заедно со останатите граѓани сме собрани тука да  им дадеме поддршка и да побараме слобода за уставобранителите, затоа што тоа е вистинското име како треба да ги нарекуваме, а не онака како што некои други од власта се обидуваат да им наметнат некој назив.Тоа не се терористи, тоа се патриоти кои се бореа за зачувување на уставниот поредок на Република Македонија.

Ние младите имаме неколку пораки кои сакаме да ги упатиме до Зоран Заев. Притворените патриоти за нас претставуваат  модерни Гоце Делчев, Јане Сандански и модерни револуционери. Тие на нас младите ни оставиле аманет кој сите ние треба да го чуваме. Тоа е да си ја сакаме Република Македонија и да ги штитиме националните интереси на нашата единствена татковина.Ние не се согласуваме со тоа по улици да шетаат криминалците, а затворите да бидат полни со патриоти кои не направиле ништо друго освен патриотски чин.Нема да отстапиме, денеска ја започнуваме македонската пролет. Не планираме да останеме дома туку да останеме на улица се до конечен пад на оваа влада и за нас младите неважечка власт“, најавија тие.

Александар Пандов од т.н. Патриотски институт на оваа партија ги нарече „маченици“  и им порача дека не се заборавени.

„Сакам да им порачам на нив дека не се заборавени. Не само што не се заборавени, тие за нас тука присутните, а верувам дека и во секој македонски дом денеска, се современите маченици во 21-иот век. Маченици кој е наш светол симбол, наши светилници, дека во најцрните времиња кога Македонија е поробена, постоеле и постојат македонски синови кои што застанале во нејзината одбрана.

Браќата кои што се не само во Штипскиот, туку и во останатите македонски затвори, тие тоа го покажаа и во 2001-ва година и 2017-та година. Нивниот грев во што се состои. Во тоа што тие ја љубат и ја сакаат Република Македонија. Можеби нешто повеќе од нас останатите. Мене искрено ми е жал што не се наоѓам сега заедно со нив таму во затвор, бидејќи мислам дека многу полесно ќе го истрпев овој црн период на национално, на секакво понижување што ни го прави Зоран Заев“, рече Пандов.

Според него, во моментов „ 400-тини до 500-тини македонски синови и ќерки, кои што се спротивставиле на Зоран Заев се под политички прогон“.

-Толку луѓе се под обвиненија, по притвори и затвори. Тоа во едно најцрно време во минатото, сите сте слушнале за Сталин – човек кој е симбол за диктатура, меѓутоа и во негово време потребни двајца сведоци за да биде некој осуден. А, сега овие браќа наши, само на сведочење на еден, за волја на вистината професионален сведок, сега се наоѓаат во македонските затвори. Заев се надгради и неговиот правосуден систем, во последно време почнаа со белешки напишани од некој полицаец да пикаат луѓе по притвори и затвори“, тврди Пандов, додавајќи дека „не постои друга земја веројатно во светот, каде што за кубење на коса, па макар таа била и на Радмила Шекеринска, некој бил осуден на четири ипол години затвор“. (извор: Независен весник)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе