Во сабота, сите на Масленица во Свети Николе

Свети Николе, 21.02.2017

Сламената кукла гори за да изгорат сите зла на светот
Сламената кукла гори за да изгорат сите зла на светот

Во сабота, на 25 овој месец, во Свети Николе ќе се одржи Масленица, однoсно Руска прочка. Настанот е на градскиот плоштад, а е во организација на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин“, амбасадата на Руската федерација во Македонија и Сојузот на друштвата за македонско-руско пријателство.

Настанот ќе биде збогатен со настап на фолклорниот ансамбал „Чајка“ кого го сочинуваат русинки кои создале свои семејства во нашата држава, потоа хорот „Кирил и Методи“ од Велес и познатите пејачи Александар Белов, Димитар Андоновски, Влатко Лозановски.

М-р Елена Сиљаноска, која стои зад  проектот  „Чајка“ информира дека обичаите кои на овој празник на простувањето се одржуваат во Македонија се слични или имаат само мали отстапки во однос на обичаите за време на Масленица во Русија.

„Масленица претставува славење на новиот живот, будење на природата,  доаѓање на сончевата топлина. На трпезата традиционално се нудат палачинки кои го претставуваат сонцето, а од тој ден во православниот свет започнуваат постите како најава за големиот христијански празника Велигден“, вели Сиљаноска.

Таа додава дека карневалските поворки и маскирани лица кои ги бркаат лошити сили се присутни во целиот православен свет, но во Русија доминира сламената кукла облечена во зимски алишта која на крајот од прославата учесниците ја палат со што се најавува доаѓање на пролетта, а пепелта се носи и се расфрла по нивите за тие да имаат добар род.

За Д-р Јордан Ѓорчев, директор на МСУ и претседател на Сојузот за македонско-руско пријателство и соработка, прославата на Масленица која секоја година се одржува во Свети Николе е само уште еден гест на зближување на двата славјански народи.  –„Масленица постои и поради потреба од ова место, од Свети Николе и Македонија, да упатиме апел на помирување помеѓу сите луѓе на светот“, вели Ѓорчев.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе