Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски даде отчет за едногодишната работа: Најмалата општина во земјата работи на проекти од општо национално значење…Наследиле долг од три општински буџети !?

Вевчани, 20. ноември 2018  

 Вистински шок преживеале изминатиов викенд жителите на Вевчани, откако, од засега непознати причини,  целoсно, велат, како со нож пресечени, секнале до капка познатите и со вода издашни, Вевчански извори.

Информацијата, на маргините отчетната прес – конференција, денеска, за Либертас, ја потврди и градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски. Тој вели дека лично се уверил за немилиот настан, но, за некакво чудо, водата повторно се враќа, најнапред како црвен муљ, потоа како бела течност и сега како чиста вода во пониските извори.

Јанкоски вели дека најверојатно се работи за празнење на подземните резервоари, но додава дека во истиот момент се случил земјотрес на албанска страна, додека жителите на Вевчани потресoт  го доживеале како силна бучава со впечаток на вертикален пад.

Инаку, неговата основна порака на прес – конференцијата, беше дека, со чесно, домаќинско, транспарентно и отчетно работење, согласно изборната програма,  општина Вевчани повторно да ја вратиле на управување на граѓаните на Вевчани.

-Ветив дека општина Вевчани ќе стане услужна и самоодржлива општина по мерка на граѓаните, за што впрочем на изборите токму поради ова ја добив и вашата доверба. Една година е многу краток временски период за реализирање на програмата, но сепак доволен за да се направат разлики во однос на владеењето на претходната гарнитура. Општина Вевчани во овој краток период отпочна доста проекти на кои во моментов активно се работи, дел се завршени, дел се во тек, дел допрва ќе отпочнат со реализација,потенцираше Јанкоски.

вевчаниЈанкоски рече дека општината ја затекнал со доспеан долг од 11 милиони  денари и околу, уште и 55.000 евра обврски по основ на кредит кон Светска банка, како и обврски по основ на позајмица од 1.280 000 ден кон Министерство за финансии од 2010 година, односно речиси три општински буџети во минус. Јавните институции кои се под надлежност на општината биле во уште полоша состојба, Основното училиште „Страшо Пинџур“ , со блокирана сметка и долг од 55.000 евра, јавното комунално претпријатие „Еремја“,600.000 денари и тн.

Со ригорозни заштеди, денес состојбата после само една година, драстично е променета, а долгот на општината е намален за околу пет милиони  денари.Обврските по основ на кредит се намалени на 43.394,00 евра, додека во основното училиште долгот е намален на 15.000,00 евра.

Иако општина Вечани е најмала општина со најмал буџет, претходното раководство на општина Вевчани било прво во трошоци за репрезентација и ненаменско трошење, при што екс градоначалникот од оваа ставка од буџетот безмилосно трошел и по околу 10 000 евра годишно. Само за споредба, во 2014 година за репрзентација од буџетот на општина Вевчани биле издвоени и потрошени 568.510,00 ден, а за гориво 373. 458,00 денари.

– Споредбено, во мојата една година од стапување на функција за репрезентација се потрошени 64.030,00 денари што е десеткратно намалување и гориво 168.000,00 денари или три кратно намалување. Притоа напоменуваме дека дел од средствата за гориво се потрошени за зимско одржување, расчистување на улици и депонии, истакна Јанкоски.

Зборувајќи за капиталните проекти кои се реализираат, Јанкоски,меѓу другите ги наведе, реконструкција и адаптација на старата зграда на основното училиште во објект за мултикултурни дејности и туризам, со поставки од музејски вредности поврзани со богатото културно наследство на населбата, развој на туризмот, како и зачувување на автентичната вевчанската архитектура. За Проектот се доделени средства во вредност од околу  милион евра од Светска банка.

– Друг проблем со кој се соочив при моето стапување на функцијата беше немањето на готова техничка документација за аплицирање на отворените повици на Владата , фондовите на ЕУ и другите фондови, особено во делот на патната инфраструктура. Во насока на подобрување на оваа состојба се пристапи кон изработка на техничка документација  за изградба на десетина улици кои веќе се аплицирани во Агенцијата за подршка на земјоделието и руралниот развој. Реализиран е Проектот „Изработка на техничка документација за изградба на канализациони линии во Вевчани.Во делот на инфрструктурата реализиран е проектот „Изградба на канализациони линии во Вевчани“,потоа проектот „Изградба на крак на регионалниот пат Обиколница Вевчани„, во должина од 670 метри, додека во  фаза на реализација е изградба на пречистителна станица за отпадни води, која патем беше еден од приоритетните проекти во мојата програма, додаде Јанкоски.

Во моментов се спроведува и проектот за заштита и унапредување на природните и културните вредности на општина Вевчани. „Еко Свест“ во соработка со општина Вевчани и планинарското здружение „Церн Камен 2257“ го започнаа овој проект за заштита и унапредување на природните и културните вредности. Проектот е финансиски поддржан од Програмата за заштита на природата на УНДП со средства од Европската комисија.

-Паралено работиме на изработка и имплементација на „План за управување со заштитено подрачје, Споменик на природата Вевчански извори“, заедно со Министерство за животна средина и просторно планирање. Проектот за заштитено подрачје е започнат во 2012 година и веќе е во завршна фаза на имплементација. После донесувањето на планот Споменикот на природата ќе и биде даден на управуавање на Општина Вевчани, вели Јанкоски..

Во локалната самоуправа покренале  и иницијатива за прогласување на Национален парк Јабланица, за што со општина Струга потпишана е „Иницијатива за заштита на планината Јабланица преку донесување на Закон за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје во категоријата Национален парк“.

Радосни што им се врати водата, за која поднесоа многу жртви, во моментов сите сили се насочени кон што поуспешна реализација на традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2018“ која го чува континуитетот од пагански времиња до денес и ја афирмира Република Македонија како земја со богата карневалска традиција. Карневалот се одржува на 12, 13 и 14 јануари под покровителство на Министерството за култура.

 Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе