Груевски е Ван Гог, а пресеченото уво е од Заев!?

Oхрид, 27.02.2017

Кога тој денеска ќе напише: Местото на криминалците не е во политиката, туку во затвор, треба да знае дека останаа малкумина кои пагаат на емоциите (и од неговото синоќешно интервју, односно ФБ-посланието!), дека тој, всушност, се самопортретира и дека, дури и да го исече сопственото уше, а не она на Заев, нема да го видиме како нов Ван Гог!

Колумна на Веле Митаноски
Колумна на Веле Митаноски

Никола Груевски тренирал бокс. Статирал актерство (Марин Бабиќ вели не сакам да бидам актер туку-глумец!?)и измеѓу тие два порива треба да се бара генезата, кодот за неговото политичко дејствување.Можеби и во двата-заедно.

Од последните избори наваму, Груевски, ни открива нова склoност- сликарство, со специјалност – себе портретирање.Познавачите на ликовната теорија, би рекле, сака да биде Ван Гог, ама увото  да му биде отсечено на Заев! Можеби, до вчера, беше тоа можно, но повеќе, за негова жал и за наша среќа,  не е можно.

Од изборите наваму Никола влечи потези како зашеметен боксер во рингот, она што му го напишале советниците, не ни делува убедително, а кога го замислува Заев со отсечено  уше, тој, всушност, си го сече сопственото. Од прогласот пред  ДИК, до синоќешниот координиран настап на телевизиите и сајбер просторот, Груевски, едноставно не е Груевски. Како некој ,или нешто да го урочило, како  да работи сам против себе (сам против сите) и “подома и понадвор”.На добар пат да заврши како анти боксер, анти глумец, анти портретист и конечно – анти херој!

Некој, или нешто фали во екипата на Груевски, штом во последното партиско соопштение морал да напише дека на средбата со ете си кој амбасадор, со него биле и свои ставови изнеле, уште само Александар Николоски и Никола Попоски!

Чудно, ама кон Груевски, никогаш сум немал презир. Можеби, во последно време, само сожалување, а не кријам дека едно време имав,  дури и чувство на признателност. Тоа беше пред да ја усоврши политиката, што јас ја нарекувам “нишање на возот”, што е насловот за ВМРО ДПМНЕ во една одломка  од мојата книга “Рани спомени”, додека одломката за бранковата левица, (не)знам зошто, ама беше сум ја озаглавил: Со светот владеат мажите, а со мажите жените!?

Признателноста кон Груевски ми е  од неговoтo предпремиерско доба. Кога беше министер за трговија,чинам. Кога ги воведе фискалните каси (можеби прв на Балканите) и кога таа операција ја обзнани во Шипковица. Како новинар реагирав со текст:Cassa fiscale da Sipkovica!

Признателноста, односно таквиот мој личен однос, можеби извира и  од самиот себе си. На времето, кога почнував работно во Танјуг (мојот професионален Олимп), после неколкугодишно хонорарно дописникување, ја имав среќата,во тоа време, уредник на Дописната редакција да биде Роса Грчиќ, искусен професионалец, веројатно и педагог. За време на двонеделната обука во Агенцијата, во Белград, од извонредната уредничка, запаметив две нешта. Прво, дека – кога пишувам вест, треба да е тоа како да пишувам телеграма. Колку помалку зборови, толку поевтино ќе поминам кај поштарите, ама примачот да ме разбере во целост. Телеграмата да биде напишана така, “да је подједнако разуме и академик са “Француске 6” и чобанин на Копаонику”. Вториот совет: немој да бидеш мрзелив, особено не  за викендите (сабота и недела), тогаш редакциите се најгладни за вести.

Што сакам со ова да кажам?  Ништо, освен да пренесам едно искуство за помладите колеги и ако некој заборавил, дека  Никола Груевски, операцијата  “каса фискале”  ја обзнани за време на викенд. И тоа, не случајно – во Шипковица. Пораката беше Македонија е една, единствена, неделива, унитарна. Шипковица, нели беше симболот на албанскиот отпор и воениот судир од 2001-та, таму  некаде, горе во планините, уште и населено само од Албанци.

Супер беше Никола, ама ти така не продолжи. Подоцна рече дека (покрај увото!) попрво ќе си ја исечеш раката отколку да се ракуваш со Али Ахмети! Но тоа не ти пречеше да сте заедно во владините одаи една деценија, да станете симбол на заедничкото тендерско владеење ( дури јас ве споменував како “Боро и Рамиз”, иако незаслужено!), за денеска ,повторно, кога ги набројуваш заедниците во Македонија, да ги забораваш Албанците. А цел народ виде како стоиш на прозорецот од белата палата и чекаш абер што ќе донесе стројникот од Мала Речица!

Мојот сограганин, пријателот – “изворен” ВМРО-овец, Ламбе Арнаудов, денеска се распослал со новинарски чаршав од интервју во “Република”, насловено: ВМРО е преторијанска гарда на македонскиот народ! Е, драг пријателе.Нема да откривам детали, само ќе те потсетам дека, пред да ја правите првата коалиција со “Арнаутите”, за кои Јордан Мијалков и Горги Ефремов (пријателите на мојот пријател Томе Балабан и мене ми беа пријатели!), велеа дека ќе им ги поткаструвале ноктите, а ти, при секоја прес конференција, однапред ме замолуваше: Прашувај се што сакаш, само не за престојаната коалиција!?

Е, нема повеќе “нишање на возот!”. И ќорите прогледаа дека тој стои на место.Не успева наметнувањето на перцепција дека тој, сепак, се движи. Не може веќе да се е..ш, а да не ти влезе! Не може “само малку труден!”. Или си труден(на), или не си!

Еве, едно искуство, кога, и  јас бев во владините одаи. Еден период, додека “престижната” функција на му ја предадов на Игор Шема, истовремено седев на две столици! На онаа директорската, во зградата на Интеримпекс (во Агенцијата за информации) и на онаа, во владата, која сеуште беше топла од задникот на Доста Димоска.  Дури и оставката напишана за Љубчо Војводата, ја најдов на компујерот. Неформално, ја водев Канцеларијата за односи со јавноста. Гледав како доагаат Али Ахмети и Муса Џафери, како некогаш и предолго (ама трпеливо!) чекаа да ги прими Бранко во владиниот кабинет.Тајно, на мала врата!

Арно, ама, не можете долго да криете дека сте “само малку трудни!”.  Дојде време тоа да се обелодени.Се сеќавам, дојде Брако во мојата канцеларија и тука го покрена прашањето за првото  појавување  со Али Ахмети во јавноста. Останaтиот состав предлагаше “побенигни” места, а јас, ни пет ни шест -Дебар!? На ужас на шефицата Натка (“каде го носиш шефот –  во устата на лавот!?”) и нејзината тетратка! Гоца да не мисли дека таа го измислила тефтерчето, таа само го усоврши, а од нашата Натка и нејзината тетратка, почна понорот на партијата (СДСМ) и трае и трае, со надеж дека ќе завршим, еве, после една и пол деценија. А, богами и урнисувањето на државата-ако добро размислиме!?

Нејсе, како што Никола ги промовираше касите во Шипковица, јас сакав Али да го промовираме среде Дебар, во друштво на шефот на ГШ на ОНА, Гзим Острени (дебарчанец!),  каде, според мене, е цветот на албанската нација (некои велат дека дури и Енверовата вдовица, Наџмије Хоџа била од Дебар),па дури и ручекот го изедовме среде шума, во еден од рестораните на брегот на езерото. А, за да “не се сетат власите”, патувачката тура  не беше промотивна, туку “работна”, демек, во Гипсарата, за која прилика, преку врската – другар ми Тодор Делов, ја  доведовме дури и младата газдарица на Кнауф, со приватен лет, од Виена до Охрид.

А кога Бранко, и покрај ужаснатата шефица, сепак, побара аргументи од мене за “дрскиот” избор, му кажав само две симболики, едната општа другата лична. “Ако изгори Стамбол, има  кој да го обнови, ама ако изгори Дебар- нема!”. Односно: Кога ги водев Ламбета и екипата на ФК “Охрид” во Прилепа града – јадевме ќотек, а во Дебар – јадевме јагне!

Ете толку. Верувам дека Никола, сега ќе свати некои работи, ако веќе не е предоцна. Кога тој денеска ќе напише: “Местото на криминалците не е во политиката, туку во затвор”, треба да знае дека останаа малкумина кои пагаат на емоциите (и од неговото синоќешно интервју, односно ФБ-посланието!), дека тој, всушност, се самопортретира и дека, дури и да го исече сопственото уше, а не она на Заев, нема да го видиме како нов Ван Гог!

Кога тој отворено повикува: “ Народот да се вмеша(!?)”  треба да каже и на кој народ се повикува? На оној словенскиот, или на античкиот!  Да не заборава дека во својот Кабинет му се насладуваше на античкото наследство загледан во лицето на  кралот и кралицата на Хунзите  потомци на Филип и Александар Македонски – од под Химелаите (мојот имењак, дури и плац му подари до некогашната циглана, кај Арбиново, на патот Охрид-Кичево!), дека Марина Дојчиноска прави бизнис со античкото-химелајско наследство!

Навистина во ова држава “покрај партии има и народ”, ама се помалуброен е оној што пага на личната (незаслужена) саможртва за доброволно одење за апс, што верува дека удирањата по Никола се удирања на темелите на државата, дека пораката испратена до овдешните и “најмакедонците” во дијаспората (еве Заев нека прави влада со сто пратеници Македонци ,само нека се тргне од албанската Платформа), не држи веќе вода, затоа што и математички не е прецизна. Двајцата од тие сто (кај Заев) се Албанци.

Синоќа, Никола, за да биде убедителен, ја подигна и летвичката, демек, сега не е во прашање, само јазикот, туку и името, ама веќе е предоцна. И премногу e опасно да сее бура, зашто не треба да зборава, дека повикот за “вмешување на народот”, не значи  повик само до “тврдокорните” и “мекотелните”!

Народ се и Албанците во Македомнија, и ако тој мисли дека во меѓусебната македонско – македонска крвава пресметка, Албанците ќе останат смо “сеирџии”, многу жално (што би рекла една Солза!) се лаже. Во оној момент кога “народот ќе се вмеша”, од Македонмија нема да остане ништо, таа ќе биде потопена и ќе исчезна, заедно со оној кој повикува на потоп (послое него!).

За крај, еве уште едно лично искуство (трето по ред), како уште еден напор, ако може барем малку да се помогне. Пред скоро 25 години, на еден курс во “Гласот на Америка” во Вашингтон, “тогашниот јас”, на еден професор му ”плеснав во брк” –  како имам впечаток дека Американците не гледаат со исти очи кон Македонците и Албанците. Зависи, од кое место гледате-рече. И додаде: Не е исто кога гледате од Скопје и од Вашингтон!

Немам повеќе, можам да додадам, само, уште:  и од Брисел…и од седиштето на НАТО…и од Бондстил…..Да, Москва, ја заборавив, ама не беше намерно!?

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе