Да го разбудиме „човекот“ во нас, да направиме „генерален ремонт“ и деконтаминација на нашите души

  • Ѓорѓи КАЛАЈЏИЕВ, струмичанец, поет и ТВ водител со 29 годишен стаж во ТВ ВИС е гостин во денешното интервју за istokpress.mk на тема „Што работат познатите во време на коронавирус и ограничено движење“.

Колега Калајџиев, како во ова време-невреме му поминува денот на човек кој долго време е присутен во медиумската, културната и музичката јавност?

-Веројатно го правам тоа што го прават повеќето луѓе во услови на изолација. Движењето ми се сведува  на познатата релација: кревет – фрижидер – маса – тераса и обратно, па десетте килограми повеќе на моето телесно „конто“ се логична последица на таквата „раздвиженост“.  Да, тв-водителот и водителит на разноразни културни и естрадни збиднувања е во тотална „пасива“, ем поради ситуацијава, ем поради случајот со пожарот  во регионалниот ТВ канал „Вис„ во кој работам безмалку 29 години. Но затоа пак поетот е во „актива“, бидејќи седењето дома како душа да дало за другарување со поезијата. Пишувам нови работи, ги средувам отпорано напишаните песни кои би требало да најдат свое место во новата моја книга, а кога не пишувам поезија тогаш читам поезија. Верувале или не, си ги прочитав книгите кои сум ги напишал, па дојдов до заклучок дека и не се толку лоши.  Остатокот од времето го поминувам во семејно гледање филмови и во седење на терасата, уживање во тишината и во зеленилото на куќниот двор. Се на се, поговорките „како дома нигде не е“ и „дома си е дома“ мене ми се баш на место и по моја мерка.

За Велигден имавте светски поетски митинг преку воспоставен видео мост, меѓу нив беа и десет македонски поети, вие бевте водител на македонски јазик каково беше чуството…

-Да, тоа е една прекрасна виртуелна поетска манифестација која по третпат се одржа во организација на Здружението на хрватски книжевници и хрватскиот поет Валерио Орлиќ од Риека, а на која настапивме 60-тина поети од 15 европски земји.  Дружењето се одржува под мотото „Седи дома“, а јазичните бариери како и да ги нема воопшто. Тоа само докажува дека јазикот на културата и уметноста е универзален. Од друга страна сите учесници се уверивме во моќта на нашите стихови, кои и во услови на затворени граници патуваат непречено без патни исправи, за разлика од нас – нивните „стопани“ кои сме приморани да се дружиме онлајн. Па сепак, и таквото дружење е извонредно искуство кое опушта и го „билда“ оптимизмот за некои поубави времиња. Да се биде учесник и водител на „Поетски прозорец кон светот“ е чест и задоволство, па едвај чекам да дојде следната сабота и следното дружење со исклучително позитивни луѓе – творци.

Меѓу поетите постои едно мислење дека поезијата е таа која ќе го спаси светот. Го спасува ли и денес кога е во една ваква загроза?

-Светот никогаш не бил идеално „место“ за живеење, особено не денес кога сите живееме во некои свои светови. Опасности имало и ќе има. Тие секогаш ќе демнат врз нашите глави. Не би сакал да се правам поумен отколку што сум, но за мене поезијата е само „издувен вентил“, порив да го извадам на површина она што како творечки потенцијал тлее во мене. Колку сето тоа има уметнички тежини кои можат да остават трага  во битисувањето на „дуњава“ , не е на мене да судам. За жал, во ова време на искривоколчени вредности и „судиите“ ги има се помалку.  Ако поезијата не го спасила светот во времето кога ја пишувале одбраните и кадарните, како може тоа да го стори денес кога „сите“ ја пишуваат. Како и да е, секој обид да се стори тоа, е подобар од апстиненција.

ТВ ВИС, на жалост, доживеа голема хаварија, па и вие не сте во можност да  ги водите емисиите зад кои стои вашиот потпис, короната ги одложи Струмичкиот карневал, можно е и Фолк фест Валандово на кои сте им водител…

-Кога гледав како гори мојата матична куќа –ТВ канал „ВИС“, како низ очи да ми поминаа сите 29 години поминати во неа, сите радости и таги, сите подеми и падови, сите направени емисии, бројни интервјуа, тв – проекти, патувања и репортажи од земјата и светот…И да, во моментов сум на „stand by“ во поглед на водењето на моите две емисии, но се надевам дека набргу ќе се вратам во ново студио и ќе продолжам таму кајшто застанав. Што се однесува до сценското водителство, непланираната пандемија ги одложи (откажа) Струмичкиот карневал,  најверојатно „Фолк фест Валандово“ и некои други случувања на кои требаше да бидам водител, но што е тука е. Наместо да гледам во „ретровизорот“ погледот ми е вперен кон патот кој води кон новите предизвици и ангажмани. Народниот мудрец рекол „секое зло за добро“ и не згрешил.

Многумина, во ова време на пандемија, ламентираат над судбината и иднината на светот. Според вас, дали по завршетокот на пандемијата светот ќе биде таков каков што до појавата на корона вирусот го познававме?

Колку и да размислувам на таа тема, не сум сигурен дека ќе дојдам до вистинскиот одговор. Многумина велат дека после сево ова, ниту светот, ниту ние во него, ниту нашите животи, нема да бидат тоа што беа порано. Веројатно се во право, но дали ќе биде така сепак останува времето да каже. Да бидеме живи и здрави, па ќе видиме. Јас би сакал најголемите промени да ги видам кај луѓето, но не очекувам дека сите ќе се променат. Би било убаво сите да извлечеме поука дека почесто треба да ги употребуваме „сопирачките“ во животот. Би било убаво сите да сфатиме дека нема да бидеме среќни ако ги натераме другите околу нас да мислат дека сме среќни. Во суштина, таквото однесување е одлика на несреќните луѓе. Мораме да го разбудиме „човекот“ во нас и да направиме „генерален ремонт“ и деконтаминација на нашите души. Животот е само еден и треба да го живееме како што треба и без „козата на соседот“.

Поет и водител? Блиску или далеку едно од друго?

Поетот и водителот во мене се двајца браќа од иста мајка и од ист татко, па како такви совршено добро се разбираат, па дури и се надополнуваат. Понекогаш поетот знае да му замери на водителот, кој пред една деценија беше и новинар, дека токму поради него не направил блескава кариера, каква што му предвидуваа другите, но братската љубов е секогаш таа што на крајот победува. Инаку, кога сум сам знам да уживам во мојата осаменост. Поетите тоа го прават одлично, оти не се сами и кога се сами.

Го гледате ли крајот на пандемијата?

Баба Ванѓа (Вангелија Пандева Димитрова/Гуштерова) навистина беше струмичанка, па дури и живеела не така далеку од нашата куќа. Арно ама, не постоела крвна врска меѓу нејзиното и нашето семејство, за да сум можел да добијам во наследство некаква дарба за „гледање“ во иднината. Така што, одговорот на Вашето прашање, дали го гледам крајот на пандемијата, е „не“. Навистина, не би сакал од ракав да вадам какви било прогнози. Тоа можеби го знаат разноразните возачи, механичари, келнери, музичари, инженери, професори, пејачи, бизнисмени, земјоделци и други „сезнајковци„ и „експерти“ кои се поголеми „епидемиолози“ од епидемиолозите и поголеми „политичари“ од политичарите. Јас иднината не ја предвидувам, туку ја сонувам, и тоа нема никаква врска со поетите и нивната поезија. Би сакал злото наречено „Ковид – 19“ да заврши што е можно побргу. Колку побргу, толку подобро за сите нас.

Имате многу фб пријатели, како успевате да освоите толку народ?

Еден момент, само да проверам. (гледа во мобилниот телефон). Ова „чудо“ кое непотребно ни одзема премногу време од животот, покажува дека имам 4.358 фб пријатели. И што? Не би знаел да кажам зошто се толку многу. Кога би решил да направам ажурирање на тој список,  таа бројка би се намалила за цели 4000 „пријатели“…па дури и тоа е малку. Вистинското пријателство е убава работа, но не е одлика на времето во кое живееме.

                                                                                                            Иван Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе