Да им дадеме шанса на иднината и зближувањето: ”Петков рекол – Кирил порекол “!?

 Охрид, 18.01.2022

ТВ станиците од Македонија, не го пренесуваа во живо доагањето на бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје и свечениот пречек пред владата. Директен пренос вршеше МИА, а пријатно ме изненади што тоа го направи и Дојче веле, на македонски јазик. Дури, сакам да верувам дека не е тоа од обична куртоазија.

Петков одбра да биде првиот премиер што ќе дојде во Скопје по изборот на новата влада кај нас. Тоа е чин –сам по себе. Тоа што службата за информирање на бугарската влада, претходно соопшти дека “посeтата е по повод 30-годишнината од признавањето од Бугарија на независноста на Република Северна Македонија”, е за домашната бугарска јавност. Причините и поводите се многу пошироки и позначајни.

Многу е посуштинско, што во истото соопштение на владата во Софија се наведува дека “посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи и ќе ги означи следните чекори што ќе ги преземат двете влади за решавање на отворените прашања меѓу двата соседни земји”.

Новиот бугарски премиер е суштествено нова личност за балканските прилики. Во очи на посетата даде серија интервјуа за македонски медиуми, те дури и директно се вклучи во емисијата на Васко Попетрески на Аасат М.

Петков кажа многу работи кои охрабруваат, но повтори и многу стари, изветвени приказни кои ги дразнат македонските уши. Едноставно, се навредливи и омаловажувачки. Верувам дека и самиот Петков тоа го знае, а сум склон да верувам дека и самиот тој не мисли баш така.

Но, Петков тоа мора да го каже на јавен настап. Едноставно така го обврзува Уставот. И Вучиќ кажува дека Косово е дел од Србија, затоа што Косово во Србија постои само во српскиот Устав. Така велам јас, така вели и првиот човек на САНУ, со струшко коренче по мајка.

Зарем Вучиќ не знае дека е Косово мегународно призната држава (не од сите европски земји, но тоа е од нивни, внатрешни причини, а не за атер на Србија!), зарем тој не знае за што преговара во Брисел, за што седеше на училишната клупа во Овалниот кабинет на Трамп….?

Тоа е реал политиката. Затоа на Петков да му дадеме шанса, чекор по чекор, “крачка по крачка”, да биде човекот кој ќе го отвори патот за помирувањето, взаемното разбирање и искреното пријателство помеѓу македонскиот и бугарскиот народ.

Следејќи го преносот на Дојче веле, истовремено, ги следев и коментарит на Фејсбук. Другарки и другари, браќа и сестри, пријателки и пријатели – така не ја бива. Бугарите се најчувствителни по прашањето за таканаречениот говор на омраза. Не дека и таму обичниот Бугарин е цвеќе за мирисање.Тој би сакал ние да го сакаме и кога тоj не не сака. Силом, или милом! Или, како што велеше еден бугарски историски првенец, Македонец од Ресен:”малку со кроце, малку со ќотек!” Но, тоа мора да престане од двете страни на границата.Така повеќе не може. Така доверба не се гради.

Ако Петков, одбрал, уште веднаш да дојде во Скопје, за да означи “нов почеток во развојот на билатералните односи и ќе ги означи следните чекори што ќе ги преземат двете влади за решавање на отворените прашања меѓу двата соседни земји”, тогаш наше е да го прифатиме како почитуван гостин и државник. Едноставно, да му дадеме шанса. И во обичниот живот кога ќе ви дојде гостин, не морате баш да го исмејувате и навредувате.

Ама рекол нема малцинства во Бугарија!?

Денес рекол, утре порекол! Трпение спасение!

Еден убав ден сите по Балканите ќе си “легнеме на брашното”, те и Петков сосе националистите во Софија.

За да биде тој ден што поскоро, треба да се погрижиме сите – во двете земји, мегу двата народа. Новинарите и медиумите треба да бидат предвесникот. Да го расчистуваат патот.

Еден колега, мој врсник од Бугарија, за кого вратата од мојот Кабинет во Скопје беше секогаш отворена, исто како и ресторанот во Клубот на пратениците, деновиве, како гостин на бугарскиот национален сервис, ми ( ни ) порача: “не Петков таму, туку вие дојдете овде да ни ја целивате раката”!?

Зошто бе колега!? Зошто плукаш на лебот!? Каде ќе ти (ни) оди душата!? Така ли ќе ги зближиме нашите внуци!? Зарем, ти, не го знаеше ова: уште во 2003-та,или четвртата, во Столицата во хотел “Балгарија”, со помош на мојот колега-брат, сега покоен Стефан Велев,организирав средба на првите луге од медиумите со тогашниот премиер Бранко Црвенкоски.Тогашниот амбасадор, Љубиша Георгиевски, донесе преведувачка. Го замолив Бранчета да не губи време во преводи. Првин ме погледна мрко, а на крајот рече: “на твоја одговорност”!

Следниот ден Љубиша донесе исечеоци од весниците – во два тома!Рече: “ваква поплава од написи досега немало”!!!

Пишува: Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе