Дезинфекција на возилата и затворање на повеќенаменските игралишта – Општинскиот кризен штаб со нови мерки за заштита од ширење на болеста КОВИД-19

Дезинфекција на трите сообраќајни влеза во Кочани и затворање на повеќенаменските игралишта се новите мерки за заштита и спречување на ширење на болеста КОВИД-19, што ги определи Општинскиот кризен штаб – Кочани на денешниов состанок.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев направи пресек на преземаните мерки, истакнувајќи дека досегашната навремена реакција со начини што овозможуваат социјална дистанца придонесува Кочани да нема заразени од коронавирусот. За да се намалат ризиците за ширење, Илијев предложи третман на возилата на влезовите и затворање на повеќенаменските игралишта по примерот на детските.

Службите од Центарот за јавно здравје истакнаа дека термини за тестирање има и дека матичните лекари можат да резервираат. Поради тоа што во периодот кој доаѓа ќе има  поголема потреба од заштитни маски и визири, повикаа граѓаните да не се расфрлаат и да не ги злоупотребуват резервите од опрема што ги имаат набавено досега.

– Состојбата е крајно сериозна и ние ќе ги искористиме сите мерки за поддршка на локалниот бизнис. Конфекциите изработуваат маски од текстил, многу од нив донираат и ако има потреба, може да се ублажи состојбата со такви маски. Ќе продолжиме да помагаме и со дезинфекција во приватниот сектор. Останува да ја контролираме состојбата, да водиме грижа и да ги надминеме што поскоро овие тешки времиња – истакна градоначалникот Илијев, повикувајќи сите да се однесуваат одговорно кон сопственото и јавното здравје.

Лекарите коишто се членови на Кризниот штаб упатија апел граѓаните да не одат во болница, туку да добиваат упатства за натамошните постапки по телефон.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе