ДЕЛЧЕВО: Со донации ќе се доградува новата црква

Делчево, 13.11.2018

Во Делчево ќе продолжи доизградбата на новата црква посветена на заштитниците на градот, светите апостоли Кирил и Методиј. Градоначалникот Горан Трајковски денеска истакна дека фасадата и кровната конструкција ќе се градат со донаторски средства обезбедени од големиот пријател на Делчево, д-р Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарско сеќавање“.

– Изградбата на фасада и на кровната конструкција на новата црква која две децении стои недоградена, ќе донесе овој грандиозен верски објект да го добие својот конечен лик и да изникне во еден од најубавите верски храмови во регионот, а центарот на Делчево, каде што се наоѓа црквата, да добие една заокружена целина и атрактивен простор за гостите и за самите жители, рече Трајковски.

Тој се заблагодари на несебичната поддршка на д-р Врабевски и неговата Фондација за дореализација на овој значаен верски објект во Делчево.

–  Во оваа прилика, јас се заблагодарувам на несебичната поддршка на д-р Врабевски и на Фондацијата, на неговата подготвеност да ја продолжи неговата донаторска мисија и поддршка на Делчево и, воопшто, на трансграничниот регион, уште еднаш докажувајќи дека пријателството и искрената соработка и почитување, кое е обострано, ги надминуваат сите физички граници. Дека д-р Врабевски е голем пријател на Македонија зборува и фактот што д-р Врабевски овозможи во Македонија за прв пат да стигне благодетниот оган од Ерусалим кој беше предаден во Софија на високите претставници од МПЦ, поточно на владиката Иларион, истакна Трајковски.

Соработката меѓу Општина Делчево и Фонадацијата „Бугарско сеќавање“ на д-р Милен Врабевски, Делчево ја воспостави пред една година и таа е иницијатива на делчевецот Венци Димитровски. Во овој период воспоставена е цврста соработка во делот на образованието, односно надградување на капацитетите на учениците во делот на информатичките технологии и продлабочување на соработката на образовните институции од двете страни на границата.

Во рамките на трансграничната соработка, на 16 ноември, Делчево ќе биде домаќин на семинар по роботика, информатика, претприемништво и напредни технологии на која учество ќе земат еминентни професори од Европа и 220 ученици од регионот. Во наредниот период, поточно до крајот на оваа година ќе се организира посета на Европскиот парламент за  60 ученици. Патувањето во Брисел е во организација на д-р Милен Врабевски и европратеникот Андреј Ковачев, потпретседател на Европската народна партија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе