ДЕЛЧЕВО: 58 години гимназиско образование во „М.М.Брицо“

Делчево, 15.04.2019

Со пригодна свеченост, денеска делчевската гимназија „М.М. Брицо“ го одбележа својот патронен празник и прослави 95- години од раѓањето на патронот, истакниот делчевски првоборец и организатор на НОБ, Методи Митевски-Брицо и 58 години од постоењето на делчевската гимназија.

Одбележувањето на патронот започна пред споменикот на Брицо во школскиот двор, каде делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од СОУ „М.М.Брицо“ предводена од директорот, Љупчо Прачковски, како и делегации од институции од Делчево се поклонија и положија свежо цвеќе.

delcevoКултурно-уметничката програма по повод патрониот празник започна со презентација на активностите на учениците од средношколскиот центар, беше организирана и модна ревија подготвена од учениците од текстилната насока, како и ликовна изложба.

Во своето обраќање директорот Прачковски потсети на улогата и значењето на ликот и делото на патронот Брицо во воениот и повоениот период, како и на неговата заслуга за развој на Делчево во современа градска средина.

-Ние работиме за да го издигнеме наставниот процес на високо ниво и да го одржиме приматот за една од најдобрите гимназии во регионот. Всушност, тоа го зборуваат и постигнатите резултати од нашите ученици на регионалните, општинските и државните натпревари со кои ние се гордееме, рече Прачковски.

Тој додаде дека со поддршка на Општина Делчево се реализираат низа активности, а во моментов се инвестира во подобрување на условите за работа во старата училишна зграда, каде е при крај изградбата на енергетско-ефикасна фасада која треба да донесе и до 30 проценти заштеда на енергија, а опремен е и современ кабинет за потребите на прехранбената струка.

Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека ликот и делото на делчевецот Брицо и неговиот придонес за изградба на Делчево со сите нишани за една урбана средина, нѐ обврзува да продолжиме по тој пат.

-Нашиот пат е посветен на младите луѓе, отворање перспективи, нови визии,  восприемање на европските вредности и нивна подготовка за пазарот на трудот преку семинарите за претпримачки вештини и роботика. Со директорот на делчевската гимназија изминатиов период работевме на ова поле, покрај осовременување на условите за работа во делчевската гимназија, истакна Трајковски.

Трајковски истакна дека се продолжува во таа насока и го најави вториот семинар во Делчево за „Иновации, прогрес и дигитален свет“ кој се организира со поддршка на Фондацијата „Бугарско сеќавање“ на 17 април во ресторан „Либеро“, каде се очекува присуство на околу 200 средношколци Делчево, Виница, М. Каменица, Берово и Струмица.

Методија Митевски Брицо  е роден во Делчево на 15 април 1924 година, а загинува во водите на Охридското Езеро во 1962 г. Тој е првиот секретар на националниот комитет на Малеш и Пијанец, претседател на Штипската и Малешевската околија, секретар на околниот комитет на КПМ во Битола. Брицо зазема доста високи функции во владата на Македонија како секретар, а во 1960 год. е наименуван за државен секретар по замјоделие и шумарство, а истовремено и потпретседател на извршниот совет во Македонија и како член на Политбирото ЦК ЦКМ, и пратеник на Народното собрание на Македонија. Тој добил и повеќе ордени меѓу кои најзначајни се: Орден за заслуги за народот од II ред и Орден братство и единстви од II ред. Брицо живеел 38 години од неговиот живот, но целосно постветен на Македонија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе