Делчевци уживаа во ноќта со гудачкиот квартет „ВИВА Стрингс“

Делчево, 18.01.2019 

Звуците на познатите хитови од седумдесетите, осумдесетите и деведесетите години, но и актуелни популарни хитови, интерпретирани на гудачки инструменти, синоќа ја наполнија киносалата во Делчево. Едночасовниот концерт на гудачкиот квартет „Вива стрингс“ на сцена пред делчевци ги донесе големите хитови на АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Ерик Клептон, Колдплеј и други.

Дејан Теодосиевски од гудачкиот квартет „Вива Стрингс“ истакна дека е презадоволен од организацијата на настанот, од атмосферата и публиката која придонесе да се одржи еден одличен концерт во Делчево.

-Сакавме вечерва да промовираме дека со гудачките инструменти може да се интерпретираат светски хитови, евергрини, односно музика со која може да се ужива и да донесе една незаборавна вечер за публиката, истакна Теодосиевски.

Гудачкиот квартет „Вива стринг“ претставува класичен камерен состав, составен од две виолини, виола и виолончело, а е оформен во 2011 година, на иницијатива на Дејан Теодосиевски, а со заемна желба на сите негови членови. Целта на неговото формирање е заедничко музицирање, како поле за индивидуално презентирање и етаблирање на сите негови членови. Од своето формирање до денес, „Вива Стрингс“ е редовен претставник на камерното музицирање на голем број свечености, промоции и слични настани, каде јасно и недвосмислено ја етаблираат класичната музика и квалитетната уметност на пошироката публика.

Сите членови на Гудачкиот квартет се редовно вработени како музичари во НУ Македонска филхармонија, каде важат за истакнати и докажани професионалци. Тројца од нив се и членови на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

Членови на гудачкиот квартет „Вива Стрингс“ се музичките уметници:
Елена Талевска – прва виолина, Симон Поповски – втора виолина, Дубравка Зајкова – виола, Дејан Теодосиевски – виолончело.

Инаку, концертот во Делчево беше во организација на Општина Делчево, а во соработка со Центарот за култура „Никола Јонков-Вапцаров“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе