ЖИВОТНИ: Мачето кое бараше спас и кученцето кое ја чува колата на газдата

Штип, 24.02.2019

Во Штип наидовме на две слики кои ја разгалуваат душата и кои ни говорат зашто човекот и животните се упатени на заедништво, и дека таа синергија на релација човек-животно е многу силна и си има свое посебно значење.

Зад Домот на култура постои еден простор во кој е сместена трафостаница. Просторот кој има длабочина поголема од три метри е ограден и заштитен за некој да не настрада. Но, едно маче, од некои свои причини, паднало во него. Мачето спас побарало во едно тенко стебло но од него никако не можело да стигне до ѕидот за да се спаси.

Неколку вработени во Домот на културата се обидоа да го спасат мачето но тоа се уплаши и по тенкото стебло се спушти назад во затворениот, длабок простор. Некој сепак се досети, стави една летва помеѓу излезниот ѕид и дрвото на кое се беше качило мачето, а потоа сите присутни се оддалечија од местото. По пет-шест минути итрото и умно маче одново се искачи на тенкото стебло и преку импровизираниот „мост“ замина на сигурно.

Некој рече дека мачките имаат девет животи, а настанот покажа дека тоа било точно, а за барем еден од тие девет живот заслужен е неговиот пријател-човекот..

Во близина на Домот на културата забележавме мало, убаво кученце како горделиво стои на покривот на мал автомобил-Тико и фрла поглед на сите четири страни на светот. Кога се доближивме и ставивме рака на автомобилот тоа сржа испраќајќи ни порака дека автомобилот на неговиот газда никој не смее да го фаќа. Се додека кученцето е на покривот Тикот е безбедно.

Ова е само една од малиот милион убави приказни кои секојдневно се  испишуваат во заедницата на човекот и животното

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе