За Штип ќе се борат: Бочварски, Димков, Захариев…

Штип, 16.08.2017

  • Реформистите во ВМРО ДПМНЕ во Штип собрале 3.500 потписи со барање на овие избори да одат со своја советничка листа, а за градоначалник ќе размислеле…Захариев како кандидат на вемерето или независен?

Koи личности ќе ја тркаат октомвриската трка за градоначалник на Штип? На ова прашање последниве денови целосно е посветена штипската чаршија но и политичките партии кои преку свои луѓе на новинарите им дотураат информации за кои се заинтересирани да ги има во јавноста. После секоја дадена информација информаторите задолжително замолуваат нивното име да не биде јавно објавено.

Untitled-1Па така со сигурност се знае дека СДСМ за свој кандидат ќе го има Благој Бочварски, млад човек, потпретседател на СДСМ, личност од најголема доверба на Зоран Заев. Дека Бочварски е сигурен кандидат укажува фактот дека тој во Штип држи прес конференции на теми значајни за целата држава, но со посебен акцент на Штип како индустриски град. Бочварски присуствуваше и даде свој придонес на мошне посетената трибина посветена на ФК Брегалница која во периодот додека Илчо Захариев е градоначалник убедливо троши најмногу пари од буџетот на општината, но не испорачува резултати. Односно, Брегалница испадна од елитната македонска фудбалска лига.

ВМРО ДПМНЕ е во една прилично конфузна состојба. Од лица добро упатени во состојбите во Општинската организација добивме информација дека Никола Груевски одлучил кандидат на оваа партија за градоначалник да биде актуелниот пратеник Трајче Димков. Нашите информатори велат дека пресудило егејското лоби од една страна и нарцисоидноста на актуелниот градоначалник Захариев од друга страна. Имено, Илчо не се јавил на конкурсот на неговата партија за градоначалник, укажувајќи им на сопартијците дека тој немал намера некого да моли за функцијата туку дека Груевски треба да го повика и да го замоли да прифати кандидатура за уште еден мандат. Захариев бил неомилен како личност и кај Никола Тодоров, кој беше шеф на изборниот штаб на партијата за време на последните парламентарни избори. Сепак, од извори на кои може да им се верува, дознаваме дека Захариев се заканил дека ако не биде замолен од Груевски да биде кандидат за градоначалник, тој ќе одел како независен кандидат!

За кого ќе се одлучи партискиот врв останува да покаже времето, иако партиски извори ни рекоа дека на Груевски сеуште му држи зборот во партијата, дека негова е и првата и последната одлука.

Реформистите во вемерето, кои во Штип се доста силна внатрепартиска струја, собрале 3.500 потписи со барање ако ВМРО ДПМНЕ до изборите не се реформира самостојно да одат со своја листа за советници. Сепак, човек од раководството на реформистичкото крило ни рече дека тие не се за таква опција, дека се противат на таквото барање на штипските реформисти.-„Оставено е секој сам кога ќе излезе на гласање да одлучи што ќе направи“, ни рече соговорникот.

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе