И во сушно за весниците време се покажа нивната вредност

Штип, 02.02.2018

Денес во НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип беше промовирана библиографијата под наслов „Штип и штипјани во дневните весници и списанија во 2017 година“. Во преубав амбиент  за значењето на ова ретко издание зборуваа директорката Милена Ристова Михајловска и уредничката Жаклина Петрушевска.

27628922_1757181360987428_3517802032596662465_o„Нашата библиотека уште во 1978 година го формира роднокрајното одделение „Ацо Шопов“. Во него се собираат, обработуваат и чуваат монографски и сериски публикации издадени од наши роднокрајни автори. Со напредокот на технологијата библиотеката стана члена на Cobiss системот-база на податоци. Со тоа сите публикации од роднокрајното одделение се каталогизирани во системот и за секој постои запис. Со тоа е олеснета научно истражувачката работа на членовите на библиотеката и добивање на брза и ефикасна информација“, рече директорката Ристова Михајловска

Според уредничката Жаклина Петрушевска, во библиографијата „Штип и штипјани во дневните весници и списанија во 2017 година“ се застапени 940 библиотечни единици.

„Тоа се статии од дневните весници Дневник, Вест, Утрински весник, Вечер, Македонски спорт, од неделниците Фокус и Капитал како и од општинскиот весник Штипски глас и од општинскиот гласник Мозаик кои ги добиваме во библиотеката“.

Со најголем број текстови се јавуваат Иван Бојаџиски и Кирил Манев. Во библиографијата има место и за колумнисти и нивните колумни како и на интервјуирани личности.

Пред присутните се обратија и Проф.д-р Кирил Барбареев, проректор на УГД, Иван Бојаџиски и Кирил Манев, новинари.  Бојаџиски припомна дека и во едно за весниците „сушно време“ фактот дека штипските новинари оставија во наследство 940 текста за општествените случувања во Штип и штипско само го потенцира големото значење на печатените медиуми во функционирањето на локалната заедница.

„Во државата имаме само три дневни весници, на нашите трафики имаме повеќе весници од други држави и на други јазици отколку на македонски јазик. Таква една состојба е недозволива зашто никада во светот, па ниту кај нас, не постои медиум кој во вистинска смисла на зборот ќе го замени печатениот“, констатира Бојаџиски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе