И официјално Кит Го стана сопственост на бизнисменот Кораб Хоџа од Приштина

Штип, 01.06.2023

Штипскиот бизнисмен Кирил Гогов од вчера повеќе не е сопственик на ланецот маркети Кит-Го, откако официјално заврши превземањето од страна на косовската компанија Вива Фреш. Тоа е објавено и во Централен регистар по поднесена пријава.

Управувањето на местото на Гогов го превзема Кораб Хоџа од Приштина, а засега нема преименување на називот на компанијата. Вива Фреш е косовска компанија која се занимава со малопродажба во Косово и регионот, а најголема инвестиција во Македонија му е превземањето токму на Кит-Го кое траеше повеќе од една година.

Кит-Го редовно е меѓу првите ланци маркети со најголеми приходи во Македонија и во изминатите години редовно бележи обрт од околу 60 милиони евра. Од она што е познато со Гoгов е дека својот интерес сега го насочува кон производството на електрична енергија од обновливи извори.

Косовската компанија Вива Фреш договорот за купување на ланецот маркети Кит-Го го постигна оваа година, откако речиси по една година Комисијата за заштита на конкуренција даде дозвола да се овозможи превземањето.

Неофицијално, Вива Фреш за сите маркети на Кит – го ќе искешира над 50 милиони евра. Косовската компанија веќе поседува еден хипермаркет во скопско Топанско Поле. На светскиот пазар во 2021година Вива Фреш има остварено вкупни приходи во износ од 223.737.171 евра, од кои во Македонија се 6.896.598 евра.

КИТ-ГО Штип во Македонија има 58 маркети од кои 5 се лоцирани во Скопје. Со превземањето, Вива Фреш на пазарот со малопродажба ќе има концентрација од 13,22 отсто, според Комисијата за заштита од конкуренција.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе