И штипскиот градоначалник исплаќал плата од 1 денар!

Штип, 12.06.2017

Илчо Захариев, градоначалник на Штип на десетина поранешни вработени во ЈП „Штип проект“, на нивните трансакциски сметки, им исплатил плата од по само ЕДЕН (1) денар! Оваа „голема работа“ Захариев ја завршил на неколку дена пред да му истече градоначалничкиот мандат, односно во текот на минатиот месец.

Ilco Zahariev„Среќниците“ кои Захариев ги почестил со толку импозантен износ, „големиот надомест“ за месечниот труд ги добиле за месеците декември, 2014 и јануари, февруари и март 2015 година. Ваквата исплата била реализирана за вработените во некогашното јавно урбанистичко претпријатие да немаат дупка во работниот стаж. Придонесите пак им биле исплатени на минималната плата.

Во случајов се работи за ЈП кое токму Захариев го расформира неполна година по седнувањето во фотељата, зашто за неговиот „политички вкус“ претпријатието било премногу „комунистичко“. Дел од вработените Захариев ги префрли во ЈП „Стипион“, дел во Општинската администрација, а дел сами си заминаа одтаму.

ЈП „Штип проект“ беше претпријатие за урбанизам кое го наследи општинскиот Завод за урбанизам кое општина Штип го формира во 1983 година. Но, кога Захариев дојде за градоначалник, тој самиот, од погоре нотирани причини, реши вработените да ги префрли во „Стипион“ и во Општинската администрација, оставајќи само едно лице за директор. Ова јавно претпријатие и денес фигурира во Централниот регистер, иако единственото лице-директор кое беше оставено од Илчо, од месец декември е во пензија.

Дознаваме дека во летото 2016 година, Захариев поднел барање до Основниот суд во Штип за воведување стечај во „Штип проект“ со намера на ваков начин да се раатиса од едно важно урбанистичко претпријатие зашто секое споменување на тоа име кај него предизвикува стресна ситуација. До ден денешен одговор од судот нема.

Дел од вработените кои добија плата од еден денар велат дека по судски пат ќе си ги бараат неисплатените плати во целост, зашто за такво нешто ќе немаат можност ако „Штип проект“ замине во стечај..

Исток прес го откри скандалот и со платата од еден денар која ја делеше газдата на фабриката за трикотажа „Зона Трико“ во Виница, а оваа информација подоцна ја пренесоа голем број медиуми во државава. Можеби газдата на виничката трикотажа му станал идол на Захариев па и тој посегнал по истото „решение“.

Но за „Штип проект“ за уништување на нешто што беше штипски урбанистички бренд подолго од половина век, за неговото значење за Штип и неговата урбанистичка визура наскоро во посебна анализа на Истокпрес.

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе