Каде исчезна сликата на Трајчо Спасов, поранешен претседател на Општина Штип?

Штип, 27.10.2018

Во холот пред големата сала во зградата на Општина Штип се поместени фотографии на сите досегашни претседатели на општината, односно градоначалници, како и на сите претседатели на Советот на општината. Убава поставка која говори за важни моменти од историјата на градот и општината.

Но, од пред некое време во делот во кој се изложени фотографиите на претседателите, односно на градоначалниците ја снема сликата на Трајчо Спасов, личност која во периодот од 1992 до 1997 година беше претседател на Општина Штип, а по него оваа функција се преименува во градоначалник.

Каде е сликата на Спасов, човекот во чие време Штип ја покажа својата последна солидарност преку последниот местен самопридонес за изградба на браната на реката Отиња не се знае. Се знае само тоа дека самопридонесот беше успешен, се собра убава сума на пари, која само чека браната да почне да се гради.

Во општината не знаеја да  ни кажат како тоа, кога и каде исчезнала сликата на Спасов. Некои од одговорните ни рекоа дека неа можеби ја земала фамилијата на Спасов. Проверивме кај семејството и добивме одговор дека сликата не е кај нив и дека тие не знаат дека таа не е на своето место.

Трајчо Спасов почина на 1 февруари годинава. Општинската власт има обврска час побргу да ја пронајде сликата и да ја закачи таму каде што и е место: помеѓу сликите на Методи Милев, претходник на Спасов и Томо Миташев, негов наследник на функцијата градоначалник.

Инаку, во делот кај градоначалници сеуште не е закачена сликата на Илчо Захариев, претходник на актуелниот градоначалник Благој Бочварски, а во делот кај претседателите на Советот на општината недостига сликата на Влатко  Миташев кој на оваа функција беше до пред една година.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе