Како Нарцисот Захариев ги „тепа“ и Бетмен и Супермен

Штип, 26.08.2017

  • На 1 октомври 2013 година, во интервју за весникот Вечер, Нарцисот рече дека од Штип ќе правел РАЈ на земјата и дека луѓето му велеле да застане малку, да одмори, зашто на толку многу не биле научени! Деновиве самобендисаниот си даде отчет, а во позадината наместо грбот на Штип е грбот на Партијата, што говори дека нејзе и се отчетуваше…Но, што за проект го смета тој, во редовите кои следуваат
Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

„На почетокот од мандатот ветивме 124 а реализиравме 450 проекти. Тоа е трипати повеќе од ветеното. Тоа ви е како три (реализирани)  во едно (ветено). Со вакви бројки се пофала Илчо Самобендисаникот за својот четиригодишен мандат.

Се расприкажа Нацисот од Ѕвегор во улога на шеф на Штип фалејќи се до небеса. Само што не изусти дека нему не му се рамни ниту Бетмен, а богами ниту Супермен. Ама тоа, демек, се подразбира.

Но, што под поимот „проект“ подразбира Нарцисот?

Уредување на коритото на Отиења кое е работено без да се почитуваат било какви закони, правила и прописи, без да се знае кој е инвеститор, а кој донатор, кој ја доби работата, кој ја врши ревизијата…Ништо од тоа. Тоа е еден од „големите проекти“. Проект зрел да „врие“ во Јавното обвинителство.

Или можеби Трговскиот центар за кој има и судска пресуда дека е дивоградба во негова режија?

Screenshot_1Проект за Нарцисот е и нешто што тој го вика „плоштад во Лесковица“ или она другото „Чешма во Сарчиево“. Ако не сте ги виделе овие „чуда од проекти“ ќе ви платиме бензин за да отидете и за да ги видите. Секое од нив е инвестиција не поголема од по 100 евра! Ама самобендисаниот ги вброил во неговите „проекти“.

Такви од 450 се – 385 проекти!

Дали замачканите (лакирани) улици во градот се проект? Како улица за која се фали дека чини 15.000 евра, а истата е долга шест километри и широка три метри може да чини толку ефтино? Тие 18.000 метри квадратни по најниска цена чинат 54.000 евра. Тоа говори за чист фушерај кој ќе трае две-три години. Но, фушерајот е главна одлика на неговите „проекти“.

Проект ли е ако градиш пешачка патека покрај заштитена бунарска зона и притоа велиш дека законот кој вели таква направија мора да е оддалечена најмалку 200 метри од бунарите тебе не те интересира?

За проект ли може да се смета малата брана, а всушност голем жабарник во близина на поранешниот Пионерски дом од кој дење-ноќе се слуша крекетот на жабите па лугето од блиските станбени згради не можат да спијат?

Проект ли е да се одземе најубавото парче тревната површина со густа шума и патеки за прошетка на историскиот Суитлак и таму да се изгради квази-зоолошка градина од која смрдеа се шири кон блиските домови на штипјани. А граѓаните си немаат место каде да си ги прошетат децата.

Проект ли се шесте табли со името на прим.м-р Илчо Захариев, градоначалник на Штип, поставени на ѕидовите од пешачката патека, чешмата во Сарчиево, „плоштадот“ во Лесковица, Паркот на „Макфест“, и на некои други места?

Зошто во отчетото ја нема браната на Отиња за која рече дека ќе ја градел со странски грантови, а од најпосакуваната градба на штипјани нема ништо?

Каде е Аква паркот за кој Нарцисот даде наредба да се разруши делот околу Градскиот базен, па денес Штип е единствен град во регионот во кој луѓето немаат можност да се разладат во пеколни лета како што е годинашново?

Може ли да се смета за нормално еден градоначалник да го изјави (Вечер, спомнатото интервју) следното: „Колегите од другите граадови знаат да речат – па, Захариев Вие имате високи стандарди! А јас за мојот наследник само ќе речам – секој кој ќе дојде после мене ќе ужива“!

Мислам дека со „отчетот“ Нарцисот само сакаше да се именува себеси како најголем проект на Штип во сите години на наговото цивилизациско постоење. Да не беше така тој немаша во интервју за весникот „Вечер“, дадено на 1 октомври 2013 година, (само седум месеци откако си го смести задникот во најважната градска фотеља) без срам и перде да каже дека штипјани му велеле да запре малку, да се одмори, оти тие на толку арно не биле научени!

А наднасловот на интервјуто гласи: Илчо Захариев од Штип ќе прави РАЈ на земјата…

 На штипјани само една порака: Погледнети си го својот „Рај“ и видете што ќе правите на 15 октомври, годинава!

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе