Последната средба на последните штипски феријалци

  • Се дружеа со младите од други градови во Југославија, ги водеше паролата „Запознај ја татковината за повеќе да ја сакаш“. Последната штипска генерација на чие чело беше „шефот Кашико“, се присети на тие, за нив убави времиња…
Kasikov
Кашиков: куфер полн феријални спомени

Димитар, Васе, Тони, Тоше, Аце, Нено, Игор, Ване, Дане….Десетина средовечни момци се собра на поновогодишна средба во кафеаната „Параполи“. Беше тоа последната генерација на штипските феријалци кои ја имаа својата, барем засега, последна другарска средба.

Димитар Кашиков, човекот кој беше и татко и мајка на многу генерации кои поминаа низ штипскиот Феријален сојуз беше организатор не средбата. Ни рече дека посакал да си ја види последната генерација, па во убав, релаксиран амбиент да си помуабетат за времињата минати, другарувањата во Сојузот, прошетките и средбите со колеги од другите Републики на поранешна Југославија.

„Децата, така јас ги викам нашите феријалци, пораснаа, создадоа семејства, станаа свои луѓе па си реков дека е време да ги соберам, да се видиме, да се потсетиме на деновите кога бевме во Феријалниот сојуз“, ни рече Кашиков, Според него, Феријалниот сојуз дејствувал под паролата „Запознај ја татковината за повеќе да ја сакаш“.

„Ја запознававме татковината, тогашна Југославија, преку посети и дружења со феријалци од Србија, Хрватска, Словенија, БИХ, Црна Гора…Дебатиравме на разни теми, создававме пријателства, а некои од нив траат и денес. Додека ги имавме младинските работни акции учествувавме и на нив. Беа тоа денови на преубаво дружење на млади луѓе од една, тогаш голема држава“, појаснува Кашиков.

Присутните се присетија на големиот собир на феријалците од цела Југославија одржан во Штип. Тогаш тие биле домакини на 130 феријалци од 28 градови на Југославија. Настанот се случил по повод 8 ноември, Денот на ослободувањето на градот. Во 1975 година, штипскиот Феријален сојуз бил прогласен за најдобар во Југославија. Признанието му било врачено на свеченост во Загреб.

„Патувавме низ Југославија главно со воз, поретко со автобус, како членови на феријалната дружина имавме попуст и до 70 проценти. Преку дружење и размена на искуства и идеи ние ги создававме нашите пријателства. Штета што денес младите се само на компјутери и мобилни телефони, денес пријателствата кои се создаваат преку интернет не се вистински, тие се повеќе виртуелни“, вели Данчо, еден од членовите со најдолг стаж.

Сите присутни рекоа дека Димитар Кашиков бил нивна светост, заштитен знак, перфектен организатор. –„Кога Кашико, како што го нарекувавме, ќе речеше „одеме да чистиме фабрички круг“ тука немаше што да се дискутира, веднаш се организиравме и одевме на местото кое требаше да се уреди. Најмногу акции имавме по фабриките кои ги имаше многу, а тоа беше затоа што во нив имавме феријални секции. Немаше фабрика во која не постоеше таква секција, во нив членуваше работничката младина од односната фабрика“, појаснува Данчо.

Во „Параполи“, во убав амбиент, со прекрасна услуга, феријалците поминаа неколку часа во сеќавања на минатотот.

-„На идеја сме да се обидеме одново да организираме таков вид младински активизам. Ние ќе бидеме упорни, па ќе видиме што може да излезе од тоа“. Со ваква, нова идеја излезе шефот Димитар Кашиков.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе