Киноверзум ќе им овозможи на штипјани да гледаат филмови преку најквалитетен ласерски проектор и на најголемо филмско платно

Свети Николе, 04.02.2023

Во Штип постои голем интерес за најавеното отворање на кино за што пред извесно време е потпишан договор помеѓу Киноверзум од Свети Николе и Општина Штип.

Денес во Свети Николе ни беше потврдено дека Киноверзум, со намера на штипјани да им овозможи најдобро филмско искуство, има нарачано најквалитетна и најсовремена опрема-ласерски проектор „Барко“ од најновата генерација но и JBL и професионално озвучување за кино салата.

Киноверзум во Штип ќе го има најголемото филмско платно во едно кино во државата со должина од 11 и широчина од 4,5 метри, салата ќе има најквалитетно озвучување, а во целиот овој проект Киноверзум вложува околу 100.000 евра.

-Во Штип Киноверзум ќе го има и најголемото филмско платно досега со должина од 11 метри и широчина од 4,5 метри. Платното е 3D ready и го покрива целиот ѕид на салата овозможувајки максимално доживување на филмот како 2К резолуција, ни рекоа од Киноверзум.

Се работи за мошне деликатна опрема која ја нема на лагер и се набавува по пат на нарачка. Од денот на нарачката на опремата потребно е да поминат 120 дена до финалната инсталација. Затоа опремата за киното во Штип Киноверзума ја има   нарачано уште во текот на минатата година.

Од Киноверзум кој му даде нов живот на киното во Македонија, а во Свети Николе и во Велес, во тамошните кина ја обезбеди најновата филмска продукција, велат дека опремата за Штип треба да пристигне за 60 дена кога и ќе биде инсталирана во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“.

-Ние наголемо работиме во подготовка на кино салата во Штип. Бојата е прилагодена за филмски проекции, за скоро време ќе ги монтираме и фотелјите кои ќе бидат мошне удобни за гледачите, а веќе е готов и проектот за продажниот пункт, информираат од Киноверзум.

На влезот од секое од кината со знакот на Киноверзум се инсталираат оскари дело на академскиот вајар Далибор Николовски-Дачо. Оскарите за киното во Штип се изработени и чекаат на свеченото отворање на киното.

Целокупната инвестиција на Киноверзум во киното во Штип изнесува околу 100.000 евра.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе