Колумна: Светот е опасно место – недела од трауми по Балканот

Она што се случи, изминатава седмица, најнапред, во училиштето во Белград, по правило, не требаше да се случи, два дена подоцна, и во околината на Белград. Ама се случи.

Она што се случи во Србија, по дефиниција, не би требало да се случува и во Македонија, Косово, или Хрватска…

Ама, може да се случи.

Не мораше да се случи на 17 мртви, жртви на безумие и насилство, да се додаде и уште една саможртва во Србија, со момчето кое “позајми!” автомобил и загина во него.

Aма се случи. Како што се случува и по скопските булевари, каде таткови синчиња, со своите бесни автомобили, прегазуваат невини деца. Се случува, затоа што ништо не е случајно и ништо случајно не се случува. Ништо случајно не никнува, ако нема погодна почва, тло за да зарти. А, погодно тло за зартување на насилство, криминал, злосторства, по Балканот, колку ти душа сака.

Веќе три децении живееме во атмосфера на несигурност, страв, назадување, криминализација, неодговорност, неказнивост…

Новоизбраниот претседател на Судскиот совет, после сета таа лакрдија од луѓето кои би требало да бидат основата на правдата и правичноста, само што зина пред медиумите, се заколна со верба во Бога, а не во устав и уставен поредок!

Младиот масовен убиец во Белград имаше само 13 години. А веќе “зрел!”, да испланира масовно убиство, “се по списку!”, опремен како Рамбо, до заби наоружан, ладнокрвен како да се вратил од француската Легијата на странците! Се кае што не ги убил “сите по списку”! Со пиштолот на татко му, смртоносна деветка, откако претходно бил добро истрениран за ракување – ОД ТАТКО МУ!!!

Татко е и оној неутешен белградски лекар, кој на хируршкиот стол не си го препозна чедото, а требаше да биде дел од екипата за спас. Нема спас, нема бел ден за тој јаден човек, што би рекол Вучиќ, господарот на животот и смртта во Србија, кој и на овој тргичен настан се обиде да тренира кризен пијар!!!

Во претходни прилики подзамижавме и на чинот на нашиот “антикризен” Стојанче кој го обучува своето синче како се стрела со деветка, ама сега не можеме. Премногу е болно и опоменувачки.

Родители, најдете време за вашите деца!

Но, на друг начин, поразличен, од претходниве два случаи. Не им дозволувајте повеќе да седнат на трпезата со мобилниот во рацете. Ниту лебот не го јадат како што треба. Им “оди во уши”, а не во стомак, што би рекле моите соселани!

Родители, пoдзапрете со ненаситноста за пари и кариери, најдете повеќе време за вашите деца. Вие сте тие од првата линија на фронтот. Мегу нас дедовците и нашите внуци нема никаква бариерa во љубовта кон нив, но има технолошка бариера. Виe родителите сте помлади, и помала е таа бариера. Не дозволете технолошкиот прогрес во светот да го плаќаме со данок во крв! Коренот на сето ова зло е во оттуѓеноста. Во немањето време за нашите деца. И знајте, многу е подолго времето за ретрауматизација, од она што ќе го потрошите во превентива.

Родители: Светот е опасно место за живеење. Ќе биде уште поопасно со новите трендови, новиот напредок, новите технологии, дигитализацијата, вештачката, односно техничката интелигенција… И сето тоа, паралелно со продлабочувањето на јазот во општеството, политичките делби, се поприсутната поларизација, целосната партизација на општеството. Сето тоа е толку трауматично, сето тоа е посеано семе на злото. Плодовите ги жнееме, дојде времето за наплата на фактурите. Индивидуализам во зло доба, сеопшта несигурност, партиски заробени, нефункционални институции, НЕОЛИБЕРАЛНО прегрупирање! Опасен коктел од негативни фактори. Котел на злото. Пат до пеколот, поплочен со, наводни, најдобри намери!

Родители, погледнете во кои ликови веруваат вашите деца. Кои се нивните херои. Се ми се чини, дека се тоа токму оние, антихероите. Вашите, нашите деца, кога ќе влезат во меаните, по шанковите ги распостилаат своите статусни симболи, изразени во клучеви од возила, рачни часовници и по некој ловечки нож!

Во Белград велат: “Нике патике и Маја аждаја”! Тоа се феномените на оваа општочовечка трагедија. Затоа, нема помирување со оваа трагедија, таа не е само српска, нема лојалност кон злочинот!

Емпатијата кон Белград, дојде, најнапред, од Загреб, што е за поздравување. Доста беше: “Србе на врбе”! Емпатијата, подеднакво дојде и од Приштина и од Скопје. Ова зло не познава нации, вери и граници. Се лечи само со емпатија кон ближниот, кон соседот. Соседот е повисока заштита и од највисоката авлија, еден од симболите по Балканот.

Сите деца се наши. Нема туѓи деца. Туѓите деца само “побрзо растат” од нашите, затоа што не сме секојдневно со нив. Се друго е исто. Иста е насилната атмосфера што не опкружува и гуши. Квази-политичари, квази новинари, квази општество. Тука до мене вирее најплатениот новинар, рекетар. Институциите, бизнисмените, политичарите, му го полнат чекмеџето од страв дека ќе ги портретира лошо. Мајмунизација! Таблоидизација, заглупавена нација!

Во Белград само за еден ден, се потпишаа сто (100.000) илјади граѓани за укинување на два национални телевизиски канали, отровници.

Се задушивме, ќе поцркаме, оф аман, аман!!!

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе