КОНЕЧНО: „Злетовица“ тргнува од точката на 7 годишното мртвило

Штип, 07.12.2017

Истече и седмата година од моментот кога регионалниот хидросистем „Злетовица“ беше пуштен во употреба, но неговата употребна вредност се сведе на околу 10 проценти. Наместо да се користат 900 литри вода во секунда за пет општини во источниот регион, сега се користат помалку од 90 литри во секунда. Тоа системот вреден над 100 милиони евра го прави силно неисплатлив.

Но, се појави нова надеж. Неодамна градоначалниците на Штип, Пробиштип, Карбинци, Свети Николе и Лозово беа на средба кај вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тема: поголема и поодговорна искористеност на овој благодат, ставање на водите од „Злетовица“ во функција и на добробит на жителите од спомнатите општини и целосна исплатливост на системот.

0000„Оваа проблематика добива на значење како прашање од најголем приоритет за нашите општини. Се договоривме стручни тимови да видат во што е проблемот што водите од овој хидросистем ги користат само општините Свети Николе и Пробиштип. Се говори дека во определен временски период тие се заматуваат, но дали од тоа што нема таложник на системот или поради нечисти водоводни цевки во должина од 20 километри, ние тоа не го знаеме. Затоа кај вицепремиерот падна договор одговори на ова прашање да даде струката за потоа да се види како проблемот ургентно да се решава“, рече денес Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Градоначалниците од Штип, Свети Николе, Карбинци, Пробиштип и Лозово на средба кај вицепремиерот Кочо Анѓушев се договорија да се превземат нови чекори за поголема искористеност и финансиска самоисплатливост на ХС „Злетовица“…Дали работите тргнуваат од мртва точка на која стојат 7 години?

Во моментов водите од „Злетовица“ за пиење ги користат само општините Свети Николе и Пробиштип, Кратово зафаќа вода од истоимената река но од зафат над браната „Кнежево“ изграден во времето на бивша Југославија, поранешното штипско општинско раководство одбиваше да ја стави во функција оваа вода со укажување дека се заматувала…А во меѓувреме ратите по кредитот за системот стасуваат, парите треба да се враќаат, а за кредитот гарант е Владата на Македонија.

И порано имаме пишувано дека од 900 литри вода во секунда од овој систем 500 литри се наменети за Штип како најголем град во регионот. Но, и Штип да ја користи водата и да плаќа за неа системот пак нема да  биде финансиски самоодржлив. За да се случи тоа неопходно е да се реализираат двете наредни фази – првата за наводнување на 4.500 хектари плодни ниви во општините Пробиштип и Кратово, и втората, да се изградат неколку хидроцентрали низводно од браната „Кнежево“.

Седум години поранешните директори уверуваа дека имале уверување од Европската инвестициона банка дека ќе ги кредитира двете наредни фази. Уверуваа дека техничката документација за двете наредни фази која ја работел шведско-бугарскиот конзорциум „Свеко“ ќе била готова до крајот на 2015 година. Но, од ветеното поминаа уште две години повеќе, а од документацијата нема ништо. Затоа средбата кај вицепремиерот Анѓушев дава барем нова, почетна надеж дека нешто ќе се смени на овој план и дека големиот благодат во големите води на „Злетовица“ ќе биде и финансиски исплатлив.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе