КОЧАНИ: Во проекти од Општинско корисна работа ангажман за уште 24 лица

Кочани, 26.07.2021

Општина Кочани доби максимална поддршка од програмата Општинско корисна работа. Од септември вкупно 24 лица ќе бидат вклучени во шест различни активности.

–  Општина Кочани оваа година конкурираше со два проекта. Во првиот – „Поддршка“   побаравме тројца образовни асистенти во средно образование, осум негуватели на деца во градинка, тројца лични асистенти – негуватели за лица болни од алцхајмер, мултиплекс склезора и деменција, две лица како дел од тим за психосоцијална поддршка и уште две лица даватели на услуги во Центарот за донации. УНДП ги поддржа сите побарани лица – соопшти Аника Илијевска Ѓоргиева, координаторка на проектите.

Вториот проект – „Нега“ вклучува шест лица како негуватели на лица со попреченост.  Тој е со целосна подршка од Швајцарската агенција за развој, а даватели на услуги се Роми и лица со попреченост.

Стручните служби известуваат дека новина  во Општинско корисна работа од оваа година е што необучените даватели на услуга, треба да ја поминат обуката во рок од три месеци. Таа ќе биде овозможена и платена преку програмата, а веќе обучените ќе работат девет наместо шест месеци.

Огласите за работно ангажирање ќе бидат објавени на 3 август 2021 година, а обуката односно работата ќе почне од 1 септември.

Општина Кочани осма година е дел од програмата Општинско корисна работа, преку која се испорачуваат услуги за илјадници корисници од различни целни групи. Програмата е финансирана од УНДП, а поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

(Љ.Ајтовска)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе