Кочани со заем од Светска банка ќе гради 11 улици

Кочани, 20.08.2019

Денеска, во Министерството за финансии, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев го потпиша договорот за одобрениот заем од Меѓународната банка за обнова и развој, од компонентата Општински инвестиции, за реализација на проектот „Асфалтирање на шест улици во градот Кочани и пет улици во рурални области“.

Одобрени се близу 44 милиони денари за изградба на улиците: „Кирил и Методиј“, „Скопска“, „560“, „Стефка Тасева“ (со „Скоевска“ и „555“), „Петар Синадинов“ и „Искра“ во Кочани; „АСНОМ“ и два крака на „Раде Кратовче“ во Оризари и „Борис Ефтимов“ и „Маршал Тито“ во Тркање.

Градоначалникот Илијев смета дека на овој начин може брзо да се одговори на потребите на граѓаните, а учеството во Проектот за подобрување на општинските услуги е форма со која кредитоспособните општини, како што е Кочани, можат да искористат неповратни средства.

– Условите за заемот се повеќе од поволни: рокот на отплата е 13 години со вклучен грејс-период од 3 години и каматна стапка која е еднаква на каматата што ја плаќа Република Северна Македонија кон Светска банка. И што е многу важно, по завршувањето на проектот добиваме неповратни средства во висина од 12 милиони денари. Сѐ на сѐ: Општина Кочани добива средства во износ од 56 милиони денари, со обврска да врати 44 милиони денари во рок од 10 години – соопшти Илијев.

Наскоро се очекува да биде распишан јавен повик за избор на изведувачи, согласно критериумите и процедурите на Светска банка.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе