КОЧАНИ: Средба на претставници од кочанскиот Црвен крст и градоначалникот Илијев

Кочани, 16.03.2021

По повод 17 март, Денот на основањето на Црвениот крст во нашата држава, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ја прими делегацијата од кочанската општинска организација.

Честитајќи им го празникот, Илијев им се заблагодари на сите волонтери, поддржувачи и активисти кои со својата хуманост и солидарност оставиле траен белег во Црвениот крст.

– Минатата и оваа година минуваме низ пандемија, но нашите крводарителски акции се постојани, ги продолжуваме сервисните услуги кон граѓаните во ова ризично време и работиме на развој на социјалните услуги, да станеме попрофесионални и повидливи – истакна на средбата Анета Коцева, секретар на ОО на Црвениот крст – Кочани.

Претседателот на општинскиот Црвен крст Дејан Арсов ги истакна заложбите за формирање тимови за помош при катастрофи, кои се неопходни во секоја добро организирана средина. Арсов додаде дека засега се  вклучуваат професионалци од Противпожарната единица во Кочани и од Мобилниот сервис за домашна посета и најави дека ќе работат на што поширок опфат од граѓаните.

– Ме радуваат вашите планови кои се вклопуваат во современите трендови и начин на живеење и ги поздравувам намерите за  надградување на активностите на Црвениот крст – рече градоначалникот Илијев, најавувајќи ja поддршката од Локалната самоуправа.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе