КОЧАНИ: Ќе се градат нови локални патишта во руралните места

Кочани, 19.07.2019

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев го потпиша договорот за реализација на проектот „Изградба на локален пат од местото викано Крушка до селото Полаки“, со кој  Бирото за регионален развој одобри 3 милиони денари за реализација и на втората фаза од изградбата на овој пат во должина од 940 м. Изградбата на оваа рурална делница претставува продолжение на неодамна реализираната прва фаза и асфалтираните 770 метри, проект кој минатата година се најде на Листата проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби за финансирање.

a01Прилив на финансиски средства во Општина Кочани ќе има и од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, која одобри 15 милиони денари на Општина Кочани за изградба на првиот дел од локалниот пат Крушка – Ајдар. Средствата се издвоени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, преку мерката  Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.

Стручните служби информираат дека Општина Кочани изработи проект за изградба на локалниот пат Крушка – Ајдар во должина од 1.995 м, во кој се очекува да учествува со финансиски средства од околу 3 милиони денари. Во наредниот период ќе биде распишан тендер за изградба на овој локален пат, а по изборот на изведувач и постигнувањето на конечна цена ќе биде склучен финален договор со Агенцијата.

– Задоволни сме што оваа година добивме вкупно 53 милиони денари од Платежната агенција и од Бирото за регионален развој за нови локални патишта во Кочанско. На овој начин, со средства од државата и со сопствени средства ќе бараме начини да одговориме што е можно повеќе на потребите на жителите и од руралниот дел во Кочанско. Во наредниов период очекуваме прилив на средства за реализација на други проекти кои ќе придонесат за зачувување на традиционалните вредности во руралните подрачја  – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.

Неодамна, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој одобри 20 милиони денари за поврзување на селата Оризари и Гратче со Кочани односно за изградба на 472 м од улицата „Енгелсова“, што води кон Оризари и изградба на 1414 м на улицата „Мишо Арсов“ кон месноста Пресечена Скала, којашто излегува на главниот пат до селото Гратче.  Исто така, со државна финансиска поддршка ќе се гради  и пристапниот пат од селото Оризари до манастирот „Пресвета Богородица“ во туристичката населба Добра Вода, за што се одобрени 15 милиони денари. Во наредниот период одговорните во Општина Кочани очекуваат потпишување на договорот за асфалтирање улици во пет низински кочански села.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе