КОЧАНИ: 316.000 евра за реконструкцијата на Мултикултурниот центар

Кочани, 16.10.2019

Наскоро започнуваат градежните работи во Мултикултурниот центар. Избрана е градежната компанија што ќе работи на неговата реконструкција. Од постапката  за избор на најповолен понудувач, реализирана според ПРАГ-процедурата, остануваат уште неколку чекори, по што ќе започне да тече рокот за изведба, којшто е планиран на 14 месеци од потпишувањето на договорот.

За реконструкција и адаптација на зградата на Мултикултурниот центар ќе бидат наменети 316 илјади евра, од кои 213 илјади евра се од Интерег ИПА-програмата, 37.000 се од Министерството за локална самоуправа и 65 илјади евра се кофинансирање од Општина Кочани.

Според описот во проектот, објектот на Мултикултурниот центар ќе се заштити од  подземната вода, ќе се постави комплетно нова термоизолациска фасада, нова кровна конструкција и кров, нова внатрешна и надворешна столарија, а ќе се изврши обработка на ѕидовите, санитариите и подовите.

Паралелно со реконструкцијата на Мултикултурниот центар во Кочани, во Општина Гоце Делчев ќе се реконструира Туристичкиот инфоцентар.

Вкупниот буџет за активностите од двете страни на границата, изнесува 500 илјади евра, односно по околу 250 илјади евра за секој партнер, сума во  која се вклучени градежните работи, надзорот, меките мерки и средствата за управување на проектот.

Реконструкцијата се реализира во рамките на проектот „Нашето заедничко минато –патека за заедничка иднина“, а средствата се обезбедени од Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, во партнерство на Источниот плански регион и бугарската Општина Гоце Делчев.

По реконструкцијата на приземниот дел од некогашното Старо Кино во Кочани и адаптацијата во 2002 година како културен простор, градежните надворешни и внатрешни интервенции на овој објект доаѓаат во вистинско време.

                                                                                                Љ.Ајтовска

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе