Лас Вегас – нова индустриска зона во Македонска Каменица

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Македонска Каменица, 17.02.2017

  • Луѓето велат дека најголемата „индустриска нова зона“ кај нив е со име Лас Вегас. Поради трите коцкарници и четвртата која е на повидок во градчето кое има 5.000 жители

Денеска направив прошетка низ регионот. Рано утринава од Штип тргнав за Македонска Каменица, за од рударскиот град да продолжам кон Делчево, Пехчево и Берово, да видам што е ново во Виница и приквечер да се приберам дома, во Штип.

Од ова мое еднодневно патување ќе објавам белешки за секој град лоциран во  мојот омилен регион.

Во Македонска Каменица сончево утро. Малку луѓе по улиците на убаво среденото градче. Влегувам во една продавница. Средовечната продавачка ја прашувам за животот тука и сега.

„Не е добро господине“, ми вели продавачката. И продолжува: „И тука е како и насекаде низ државата. Секоја куќа има по еден до тројца во странство, 85 проценти од помладите жители имаат бугарско државјанство и си го чекаат редот да ја здувнат некаде низ нормалниот свет“, револтирана е жената. Па додава: „И тука се е партизирано, работа има за оние со вмровска книшка, имам дете на факултет во Скопје, 300 евра требаат, а јас сум со плата од 160 евра. Да не се постарите членови на семејството детето кое ми е одлично немаше да се школува зашто не му дадоа стипендија оти не било од „нивните“…Ова не е држава пријателе“, го заврши монологот жената.

Нема збор дека Македонска Каменица е разубавена како градче. Но, луѓето во кои рудникот „Саса“ е алфа и омега на целокупниот социјален живот изразуваат страв од сегашноста, а уште повеќе од иднината. Тоа го нагласува и помлада личност од ова место.

„Да не е рудникот каде среќата си ја наоѓаат 700 лица, Каменица ќе може свечено да се затвори и да се претвори во музеј во кој некогаш живееле луѓе“, порачува младиот Здравко. Јас пак му предочувам дека во неговото место се уреди индустриска зона, дека ќе дојат инвеститори, ќе има работа, пари живот..

„Најголемата индустриска зона овде ја викаме Лас Вегас. Во град кој има 5.000 жители веќе имаме три казина, четвртото е во најава. Кога првото казино почна да прави убави профити дојде воторот, по негго третото, сега ќе ни стаса и четвртото…Колку што знам Штип нема толку казина а е десетпати поголем град од Каменица. За бројот на кладилници и да не говорам“, вели младиот човек. На мое прашање кој тоа троши пари во потрага по трошка среќа, Здравко одговара:

„Најмногу оние кои имаат пари, а тоа се рударите од „Саса“. Таму платите се добри, рударите заработуваат и по 40.000 денари месечно, ама голем дел од нив барем половина од својот трду го „инвестираат“ во казината. Играт и оние кои немаат пари, па последниот денар го трошат во надеж дека милионот баш ним ќе им падне. Ама никако тоа да се случи“, вели Здравко.

„Да не се лажеме, овде живот има само за некои, не са секои. Кога власта ќе се смени ќе се отвори кутијата на Пандора и ќе ја видиме вистината“, беше коментарот на девојка која завршила факултет и сега среќата си ја бара во Кочани, Штип и Скопје зашто во М.Каменица за неа место на дипломиран економист не се нашло. И таа тврди дека е тоа така зашто останала надвор од било која партија.

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе