Макфест повеќе не е крава за молзење

Штип, 27.09.2017

Нема повеќе астрономски награди за најдобрите репрезенти на македонската забавна музика на Макфест. Министерството за култура се одлучи на драстично намалување на наградите за прво, второ и трето место.

Наместо 10.000 евра за најдобрата песна годинава наградата ќе изнесува 1.500 евра. Второто место носи илјада, а трето скромни 500 евра.

Министерството е на став дека наградите треба да бидат симболични зашто ако една песна е лауреат на Макфест, кој на времето важеше за бренд фестивал, а денес е само сенка од него, тогаш песната само по себе ќе си ги заработи парите. Некогаш да се бидеше победник на овој фестивал значеше долго траење на песната во македонскиот но и во поширокиот радиски простор, многу почести за лауреатот, пари од изведбите и настапите… Последниве години тоа не е така, а наградите, за се послабиот квалитет  стануваа се повисоки, како да е ова Сан Ремо, а не фестивал без вистински музички вредности.

Високите награди не само што не го подобрија фестивалот во квалитативна смисла, туку предизвикаа и многу шпекулации за борбата за високите суми, при што се говореше дека политиката, а не песната е таа која кажува кој треба, а кој не треба да победи. Односно, Макфест стана крава молзница за партиските миленици и оние кои пееја на митинзите на до вчера владеачката партија.

А таквата позиција сигурно не е нешто што гарантира успешен фестивал.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе