Миле Ѓоргијоски единствен од Македонија на Новогодишниот сатирикон во Белград

Белград, 25.12.2018

Познатиот македонски афористичар Миле Ѓоргијоски кој живее и создава во Делчево, ќе биде единствениот учесник од нашава држава на традиционалниот, 38 по ред Новогодишен белградски сатирикон.

Сатириконот, како врвна европска манифестација од областа на сатирата е во организација на Белградскиот афористички круг и Коларчевата оставштина, а ќе се одржи утре (среда) во малата сала на Коларец.

Како што јавува агенцијата Танјуг, на смотрата ќе настапат 35 учесници меѓу кои се Љубомир Ршумовиќ, Драгутин Миниќ, Дејан Петаковиќ, Миљурко Вукадиновиќ, Слободан Симич, Александар Чотрич, Бојан Љубеновиќ и други.

Како што веќе напишавме Миле Ѓоргијоски е единствениот афористичар од друга земја кој ќе учествува на оваа престижна смотра на хуморот и на сатирата.

Како што соопштува Танјуг, програмата ќе ја води Миодраг Стошиќ, а селектор на годинашниов сатирикон е Витомир Теофиловиќ.

На Сатириконот ќе бидат врачени признанијата на Белградскиот афористички круг „Пријатели на сатирата“ за афирмација и популаризација на сатирата. Овие признанија ќе ги добијат Ивана Матијевиќ, уредничка на културната рубрика во весникот Денес, и главниот уредник на неделникот „Ужичка недела“ Тони Станковиќ.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе