МОМЧИЛОВА: Сите освен ВМРО ДПМНЕ го поздравија успехот на Македонија

Штип, 28.06.2018

Европската Унија го препозна, го поздрави и го награди напредокот на Македонија во изминатата година. Европската Унија одлучи: Македонија започнува преговори за полноправно членство во 2019 година. Ова го рече Слободанка Момчилова од СДСМ, актуелна советничка во Советот на општината.

Момчилова рече дека за само една година Македонија успеа да направи квантен скок. –„Од „заробена држава“ заедно успеавме да се вратиме на вистинскиот пат, на евро-атланскиот пат на иднината. Спроведовме акција за обнова на демократските вредности, за владеење на правото и правдата, за независност на институциите, за подобрување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и нивната економска стабилност“.

Ова е голем успех за Македонија, постигнат со силна желба за подобра сегашност и иднина на сите наши граѓани. Македонија е препознаена како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи и општествен дијалог. Држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои имаат јасно изразена визија за европска иднина.

Се посветивме на транспарентноста, одговорноста и отчетноста. Се вложивме во обновата на односите со нашите пријатели во меѓународната заедница, во оживување на добри односи со соседите, ширејќи пријателства, но и стабилност. Нашиот заеднички успех е препознаен, признат и соодветно вреднуван. Тоа е резултат од спроведувањето на реформите и политичката волја за продолжување по тој пат.

Во ВМРО-ДПМНЕ немаат доблест да го поздрават напредокот и успехот на Македонија којшто е постигнат заеднички со граѓаните. Но, треба да се присетат на уште еден дел од заклучоците на Советот на министри на ЕУ којшто зборува за „судските реформи и проактивните истраги, обвиненијата и конечните пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво“. Правдата во Македонија треба да расчисти со наследството на единаесетгодишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ како и со функцијата на Ѓорге Иванов, човекот што се обиде да ги амнестира и сѐ уште ја кочи иднината на земјава. На вмровските функционери коишто потрошија 11 години од животите на граѓаните и ја држеа Македонија во место, за лично, криминално богатење, треба да им е јасно дека Македонија тргна напред и враќање назад нема да има. Патот на реформи и процесот на градење на Македонија како држава по европски правила е неповратен процес, порача Момчилова.

Таа го упати и следниов апел до граѓаните: „Почитувани граѓани, после децениски порази, еве сме пред голема победа! Време е за нашата иднина.Време е сите граѓани силно и слободно да кажат – Да за Европска Македонија! Силно и одлучно „Да“ за македонската, за нашата заедничка иднина“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе