Нови идеи влегуваат во културата на Штип

Штип, 17.11.2017

Bore Minov
Боре Минов, ликовен уметник

Центарот за култура внесува една значајна новина која ветува квалитетно да придонесе за подинамичен културен живот во градот. Станува збор за волонтерски ангажман на лице, познат штипски уметник, кој ќе се грижи убавите уметности да заживеат на начин кој му е потребен на градот-регионален клтурен центар.

Боре Минов, ликовен уметник, на волонтерска основа си ја презеде обврската да работи за квалитетни промени во културата. Идејата е негова, а негова ќе биде и комплетната реализација.

„Во Домот на култура „Ацо Шопов“, во изложбениот простор-фоаје, ќе се обидам да придонесам за прогрес на ликовната, но и на другите видови уметност. Тоа планирам да го направам преку постојано организирање ликовни изложби, со мој целосен ангажман во техничкиот дел, маркетингот, преговорите и договорите со уметниците-сликари. Целта ни е тој убав простор да заживее на еден нов, квалитетен начин, да привлечеме уметници и публика“, вели Минов.

Програмата на која ќе се посвети овој уметник е надвор од програмата која ја има планирано Центарот за култура, но, во исто време, двете работи ќе бидат во меѓусебна координација.

Боре Минов, познат штипски ликовен уметник, на волонтерска основа ќе го  заживува фоајето во домот на култура „Ацо Шопов“ како убаво место за нови уметнички доживувања и остварувања…

„Во тој простор планирам да има ликовна работилница но таа ќе биде за постари наши граѓани кои ја сакаат оваа уметност и работат на тоа поле. Децата и младите свои ликовни школи имаат во училиштата“, појаснува Минов.

Во овој простор уметникот планира да се одржуваат и панаѓури на книгата со учество на издавачки куќи, да има и продажна галерија на слики и книги, а сликарскиот дел да биде постојана постановка. На вратата од фоајето ќе има информација за времето во кое галеријата ќе биде отворена како и телефонски броеви на кои евентуалните туристи и групи од градот и околината ќе можат да побарат галеријата да им биде веднаш достапна.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе