Одлична прилика за средба со самиот себеси

Штип, 20.04.2020

  • Професорот по философија на УГД, д-р Трајче СТОЈАНОВ, е гостин во istokpress.mk во денешното интервју на тема „Што работат познатите во време на коронавирус и ограничено движење“. Професор Стојанов, меѓу другото, е добитник на признанието „Најдоброто во науката за 2019 година“ кое го доделува регионалниот центар на новинари „Исток“ кој е во рамкиите на ЗНМ.

Професоре, каков би бил вашиот првичен коментар на оваа ситуација?

-Би рекол дека деновите и ноќите карантински се одлична прилика за средба со самиот себеси. Вонредната состојба, вонредните услови секогаш се можност да се фрли поинаква, би рекол дури и вистинска светлина врз нашите животи. Како што знаеше да каже Карл Јасперс, само во т.н. „гранични ситуации“ се раѓаат вистинските философски, а со тоа и животни прашања. Миговите во кои нашата егзистенција е на работ, можеби се најавтентичните. Тогаш се гледаме очи в очи со животот, со голиот живот и се одмеруваме вистински, соголени од сето ефемерно, неважно, надворешно и непотребно.

Што е тоа ново што го откривате во себе и за себе во една ваква „ненормална“ состојба?

Кога нашето битисување оди по тенката меѓа на „нормалното“ и „ненормалното“ животот ни се открива со сета негова неизвесност, но и длабочина. Затоа, оваа вонредна, карантинска состојба е можеби најфилософскиот модус на егзистенција. Парадоксално, но философот го посакува овој мир од кој ѕирка немирот. Ова е идеално време за философ. Но и за секој човек, впрочем. Сега го имаме сето време на светот, сето слободно време за самоспознание и растење. Всушност, како што поумните од мене глаголеле, слободното време е она што секоја личност ја дефинира: сакате да знаете кој сте и што сте, прашајте се што правите во слободното време? Она што го правите во слободното време, тоа сте вие. Затоа што тогаш сте ослободени од сета нужност на обврските: работа, економија, физичка егзистенција, заработка…сите детерминанти на секојдневието ги нема во слободното време, во слободното време сте вие со самиот себе си. Така живее и философот во ова доба, целосно слободен и целосно со самиот себе си.

Многу луѓе, во услови на коронавирус, се загрижени од многу работи. Од намалена слобода со ограничување на некои човекови права на пример…

Мене дури не ме загрижуваат ниту рестриктивните мерки, ниту забраната за движења. Јас воопшто не ги доживувам како ограничувања на човековите права и слободи. Од правно-формален аспект тоа секако е така, нашите права и слободни се ограничени. Но од суштински – ниту една слобода не е во законите и правото, тоа е категорија на личноста. Личноста е слободна по својата есенција. Исто така, друго е прашањето доколку овие рестриктивни мерки продолжат и во мирнодопски околности, тогаш би можеле да ги толкуваме и доживуваме како загрозување на нашите права и слободи, но во вонредни околности, тие се само средство за друга цел. Ова го коментирам во оваа прилика, затоа што многу мои колеги овие рестриктивни мерки, особено полицискиот час го интерпретираа од перспектива на некои теоретичари, првенствено, на пример, од перспектива на Мишел Фуко, кој државниот апарат го третира како репресивен во кој поединецот е под постојан надзор и контрола.

Има ли, според еден професор по психологија, грешка во таквата интерпретација на Фуко за слободата?

Не, зашто таквата интерпретација на Фуко важи во мирнодобски услови, не во вонредни, Фуко не зборува за надзорот на државата над поединецот во вонредни услови, ами во мирнодобски, кога навистина е проблем. Државниот апарат е контролирачки и тоа суптилно контролирачки, скриено, во нормални услови. Во вонредни околности, контролата и надзорот не е скриен, како што вели Фуко, тој е отворен, овде државата не се крие за да контролира, ами тоа го прави на еден отворен, транспарентен начин, при што јасно гледате од каде доаѓа моќта.

Па, каде Фуко го гледа проблемот?

Проблемот, според Фуко е кога моќта е скриена, суптилна, а таа е таква во мирнодосбски услови. Затоа, мене во случајов оваа ситуација и не ми е толку застрашувачка. Ќе биде страшна, ако на овој надзор и контрола се согласиме откако ова ќе помине.

Ќе помине ли?

Искрено се надевам дека ќе помине бргу, затоа што колку човекот и да ја посакува „ненормалната“ состојба, сепак, од друга страна, го бара и мирот, еквилибриумот и нормалноста. Искрено верувам дека тоа ќе биде бргу и со најмали можни последици и по поединецот и по заедницата. Останет дома и чувајте се!

Иван Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе