Од милијардата на Циле до милијардата на Браун – дупло голо

Штип, 24.06.2019

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Македонија имаше две понуди за инвестиции од по една милијарда евра. И двете, од носителите на инвестициите, беа оценети како нешто што економски ќе ја воскресне државата.

Првата милијарда ја најави Васил Тупурковски-Циле за време на парламентарните избори во 1998 година. На предизборен митинг лидерот на тогашна „Демокртаска алтернатива“ кој беше во политичко друштво со ВМРО ДПМНЕ бомбастично најави доаѓање на една милијарда евра во нашата држава. Парите требаше да стигнат од тогаш непризнатата држава Тајван, а наша обврска беше служебено да го признаеме Тајван. Но тоа ќе значееше да си добиеме голем непријател во Кина, во која живее четвртина од севкупно население на земјината топка.

Тогаш Љубисав Иванов-Ѕинго од митинг на СДСМ во Струмица, со која Социјалистичката партија на Ѕинго беше во коалиција, силно извикна:

„Народе ако Тупурковски донесе милијарда евра предлагам веднаш да ја прекинеме кампањата и да им ја дадеме власта“.

Кампањата не беше прекината, Тупурковски подели стотина милиони денари на компании и „компани“ за што беше даден на суд каде беше ослободен од сите обвиненија за можни малверзации со тајванските пари.

Пред десет години (2008 година) во источниот регион дојде најавата за нова милијарда. Овојпат од американско-израелската компанија „Ејџ“ , од устата на нејзиниот директор Дејвид Браун.

„Во пределот од Овчеполието, преку Штип и Радовиш се до Богданци и Ѓевѓелија сакаме да вложиме една милијарда евра во изградба на ветерни паркови и фотофолтаици. Ова е божје место како создадено за инвестирање во обновливи извори на енергија“, изјави тогаш Браун од Свети Николе, а во присуство на Слободан Даневски, тогашен градоначалник.

Се разбира само децата можеа да се израдуват на големите, ветени пари. На милијардите. Но, факт е дека и од оваа милијарда не биде ништо. Зашто пропадна инвестицијата на векот не е познато до денес. Парите не дојдоа тука, а и Браун повеќе не се појавина овие простори барем со нова, поскромна понуда.

Тоа ни говори дека ќе мора да се навикнеме да си живееме и да се развиваме со поскромни, но со реални пари. Не попусто е кажано: „Верувајте им на оние кои помалку ќе ви понудат, тие помалку ќе ве разочараат“.

Но, кои беа конструкторите на големите нереализирани ветувања не е јасно до ден денешен. Иако имаше индиции дека и зад првата и зад другата милијарда стојат платени советници од светски формат на бившиот премиер и на бившата влада. Но и овие милијарди не освестија дека нашата држава може да смета, да се развива, економски да јакне само од трудот на своите луѓе и од далеку поскромните пари на домашни и (или) странски инвеститори сеедно. Зашто форматот, големината, развиеноста на државата не е таков да може да се игра со милијарди.

Случајот со двете милијарди само е потврда на тој факт. Зашто од двете милијарди добивме само – дупло голо, а Македонија развојот го продолжи со поскромни но стварни пари.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе