Писмо со 140 потписи против Захариев да добие можност за нов мандат за градоначалник на Штип

Штип, 23.02.2017

  • Во дописот се наведени сите чистки на видни вмровци во Штип извршени од Захариев. За можни кандидати за градоначалник од оваа партија се споменуваат актуелниот пратеник Никола Мицевски, директорот на Уни сервис Влатко Ничев и заменик министерот за земјоделие Ванчо Костадинов

Македонија добива нова влада предводена од СДСМ, а општините чекаат на своите нови градоначалници. Сега е јасно дека локални избори ќе има во законски предвидениот рок. А тоа значи во месец мај.

По тоа прашање партиите водат внатрепартиска дебата во однос на личностите за градоначалници. Јавноста миг потоа веќе има информации по ова суптилно прашање за секоја општина, зашто дебатата се пренeсува на работните места, по кафеаните, улиците, плоштади..

Во Штип, град кој дал најмногу политичари по глава на жител, од кој произлезе 80 проценти од првата Влада на Македонија, град кој ги даде првите луѓе на Уставен суд, Ману, МПЦ, на големо се шпекулира со можните кандидати за кандидати за градоначалници.

Во ВМРО ДПМНЕ многу работи се вртат околу актуелниот градоначалник Илчо Захариев. Иако тој јавно, на прес конференција се откажа од идејата да бара нов мандата, видни штипски вмровци кои се во конфликт со него, велат дека на Илчо ништо не треба да му се верува. Дека со Илчо се е можно.

Порано пишувавме за отпорите против него да добие нова шанса за кандидат за градоначалник и жестоките отпори на кои наидувала една таква идеја кај стари и нови членови на партијата. Ново е тоа што пред десеттина дена, писмо со 140 потписи на луѓе на вемерето било испратено до врвот на партијата во кое потпишаните децидно барале Штип да си бара нов кандидат за градоначалник од нивните редови. Во писмото тие  ги навеле сите случаи на малтретирања, понижувања и отстранувања од работните места на вредни и способни луѓе кои, на некој начин, не се согласувале со нарцисоидната Илчова природа.

Во овој допис потпишаните предупредиле на можноста на локалните избори тие да излезаат со независна листа за советници и со свој кандидат за градоначалник.

„Одговор на писмото не добивме, но го очекуваме деновиве зашто се знае дека многу бргу ќе имаме локални избори“ , ни рече еден од иницијаторите на писмото.

Во такви околности како можни кандидати за градоначалници на оваа партија се споменуваат имињата на актуелниот пратеник Никола Мицевски, на заменик министерот за земјоделие Ванчо Костадинов и на директорот на Уни сервис, Влатко Ничев.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе