Платата во штипското ЈП „Исар“ ќе доцни една недела

Штип, 31.10.2017

На сметката на ова ЈП немало ниту денар, директорот Ангел Бојаџиев изјавил дека таа информација е точна, но касата била испразнета зашто сакал да се оддолжи на деловните партнери, плата ќе имало кога ќе се собереле парите од граѓаните и фирмите

Околу 400 вработени во ЈП за комунални услуги „Исар“ денес покажаа  вознемиреност поради информациите дека на сметката на јавното претпријатие немало ниту денар. За тоа тие биле известени од директорот во заминување Анѓел Бојаџиев.

Ангел Бојаџиев вети плата за најмногу седум дена
Ангел Бојаџиев вети плата за најмногу седум дена

„Во градот се појавија шпекулации дека нашата вознемиреност е резултат на фактот дека не сме ја добиле платата за тековниот месец, односно за октомври. Досега ние платата ја добивавме редовно, на еден до најмногу три дена пред истекот на месецот, но нашата вознемиреност не е поради тоа туку поради фактот дека  сметката на јавното претпријатие е на нула. На неа нема ниту денар, а никој не дава информации за тоа ќе има ли плата, односно ако ја има кога таа ќе ни биде исплатена“, ни рекоа група вработени во ЈП „Исар“.

Дознавме дека за проблемот се заинтересирал и новиот штипски градоначалник Благој Бочварски. Тој ни ја потврди оваа информација.

„Разговарав со директорот Ангел Бојаџиев за случајот. Тој ми потврди дека платата за октомври не била исплатена бидејќи, според него, претпријатието имало финансиски обврски кон деловни партнери кои тој сакал да ги изврши пред да си замине од функцијата. Бојаџиев вети дека платата на вработените ќе биде исплатена за најмногу една недела, кога ќе се присобереле пари од граѓаните и фирмите кои ги користат услугите на ЈП „Исар“, ни изјави Бочварски.

За тоа каква е финансиската состојба на најважното јавно претпријатие ќе се знае кога ќе биде извршена смената на директорската функција. Новата штипска власт уште од сега најавува дека ќе биде извршена ревизија на неговото работење, а јавноста на време ќе биде запознаена со наодите од ревизијата, без оглед што ќе покаже истата.

А во ова меѓувреме 400 вработени се во очекување најдоцна до идниот понеделник да си ја добијат својата плата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе