Поздрави, честитки и критики

Виница, 27.11.2017

 Колумна на Николина Атанасова, дипл. новинарка
Колумна на Николина Атанасова, дипл. новинарка

Се обидувам да бидам реален и независен критичар иако во денешново општество тоа тешко оди. Ние имаме еден сериозен проблем. Најчесто оној кој критикува, критикува сè. А оној што фали, оправдува и непотребно.

Повеќето работи кој претходната власт ги инвестираше веќе излегуваат на површина. Не биле квалитетно направени. За нив било платено повеќе отколку што треба. Според правилото ако си со нас можеш да го освоиш светот, ако не си со нас мора да се удавиш, тие ја платија својата казна.

И покрај се претходната власт делумно направи некои добри работи и пред нив не треба да замижеме. Ни покажа што значи квалитетен тим за односи со јавноста, ни покажа колку лесно ние си ја продаваме душата и креира владини мерки кои вака или така покажаа резултати. Инвестирањето во штипскиот Универзитет, не е нешто што треба да се потцени. Овозможувањето на високото образование на секој, нема само негативен аспект во толку сиромашна држава.

Од друга страна неангажираноста и незаинтересираноста која е присутна кај дел од младите воопшто не е за потценување како лоша порака за иднината. Да се дојде до финансиски средства без многу труд, е мото за многу млади. Голем дел од луѓето очекуваат од сегашната власт дека е должна да им најде и овозможи работа но да не работат туку само да примаат плата. Постојано се вртат телефони, на луѓе кои се дел од тимот на власта. За нив народот има остри критики, како трчале за фотелји. За нив народот не прашуваше како живееја и опстануваа во времето на режимот кога и марули да продаваа ќе им ги запленеа како најголем криминал. Делумно и денес законот за едни важи, за други не важи.

За пофалба се постапките на власта каде будно се следи критиката, а дел од нештата се менуваат. За разлика од минатото каде освен за пофалби, за сè друго власта беше глува. Давањето шанса на луѓе кои не се дел од политичката партија и си ја знаат работата не е нешто за игнорирање. Успехот на Никола Димитров и луѓето како него, е нешто што треба да се пофали и поддржи. Не одбиваат дебати, за разлика од нивните претходници, не го игнорираат јавното мислење, спремни се да ги признаат своите слабости и да работат на свое подобрување.

Под притисок на јавноста ја признаа грешката со авионскиот билет. Сето тоа излезе во јавноста како резултат на јавното обелоденување на работите, документи кои до неодамна беа недостижни и се сметаа за државна тајна. Не дојде до оставка од нарцисоиден контекст „нема подобар од мене“, кој е препознатлив повеќе за претходната власт, но фотелјите и овде се драги . Претходните не би понеле одговорност, па макар и да предизвикаат крај на светот. Одиме чекор напред. Донев јавно ја призна грешката, се извини и понесе одговорност за својата постапка, за што ќе ја плати штетата. Тоа не е тапкање во место. Работите се менуваат.

Од друга страна капитализмот расте заедно со сиромаштијата. Мерките за данок на земјоделците, нормираниот учинок завиткан во салфета, топењето на спомениците, зголемувањето на платите и трошоците за пат на пратеници и слични мерки не се за некоја пофалба. Стопирањето со фасади и други проекти кои останаа од претходната власт делумно го оправдувам, но топење и рушењето на спомениците кои веќе се направени во никој случај. Тие пари еднаш веќе се потрошени, штетата е доволна, поголема не ни е потребна.

Кога станува збор за црквите, прашајте ги историчарите да ви го раскажат коренот на црковното семејство. Да не се случило некој да ги помешал ДНК резултатите на некое друго посвоено дете. Да не ја помешале нашата црква,со некоја друга. Едни глумеа барок и ги заборавија теракотите кои докажаа постоење на народ со векови, други не убедуваат во лажни родители.

Едно е важно, прогресот не треба да се игнорира. Сепак и пред грешките не треба да се замижува. Не е сè така црно, како што и не е сè така бело. Преку ноќ не треба да очекуваме дека ќе се случат чуда. Од критиките треба да произлегуваат иновативни и разумни решенија. Продолжувањето со комерцијални кампањи за владини мерки со цел младите да останат во државата се смешни. За ПИАР машинеријата критики стигнаа и од Брисел. Јас топло им препорачувам да инвестираат во медиумска едукација и образовни кампањи, а не во „перење мозок“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе