Полека, полека господин Џафери

Охрид, 04.05.2017

  • Емпатијата, е, господине Талат, универзална религија, од Христа Спасителот наваму. Зошто беспотребна иритација, во моменти кога на земјата, нацијатата, во политичка смисла, разединета со конфликти, како лебот насушен е потребно, неопходно, да и го вратиме чувството на заедништво, на одговорност над заедничката судбина.
Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Во вчерашното мое писание, поводно за 100 годишнината од смртта на Киро Глигоров напишав: Да не беше ситуацијава во земјата, што Вие ја оставивте во предворјето на Европа, ваква каква што е, тоест- никаква (во предворјето на пеколот!?), ќе напишев, всушност, ќе препишев, само една реченица: Некои луѓе продолжуваат да растат и по смртта (Рајнер Марија Рилке).

Во денешниов, да не беше ситуацијава, ваква каква што е, тоест – никаква (во предворјето на пеколот!?), ќе напишев, всушност, ќе препишев, само една, народна поговорка: За една болва да не го гориме јорганот! (Për një plesht nuk digjet jorgani !).

Поговорката ја слушнав, внимавајте: на македонски јазик, од поранешниот албански премиер Фатос Нано, во Пустец, во првата моја “државничка” мисија надвор од земјата, како дел од официјалната делегација предводена од Бранко Црвенкоски. Дури бев и некаков организатор, претходно, таму, на иницијатива на тогашниот амбасадор во Тирана Ристо Никовски, за нашите Македонци, го направивме “Радио Мала Преспа”. Бидејќи електрично напојување имаа на секои три минути, Бранко им однесе како подарок –агрегат на нафта.

Ама бидејќи ситуацијата сеуште не ни е розова, како во ринг пред грогиран боксер, ќе препишам уште една народна: Ебати гуњата-помина луњата! (kalova lumin te dhjefsha kalin)! Има уште една, за онаа што во брзаница раѓала слепи куталиња, ама не сакам никој да ме разбере навредливо.

Затоа, уште еднаш Полека, полека zoti Talat,  уште не седнат на спикерското столче, веќе ги разлетавте орлите во кабинетот!?

Политиката е уметност на можното. Неможното е за религијата и фанатизмот.

Вака, ли, на лавот ќе му ги кубиме мустаќите, како што тој ги кинеше канџите на орелот!? Што постигнавме, ако за извадениот заб на трчаница возвраќаме со вадење око!?

Емпатијата, е, господине Талат, универзална религија, од Христа Спасителот наваму. Зошто беспотребна иритација, во моменти кога на земјата, нацијатата, во политичка смисла, разединета со конфликти, како лебот насушен е потребно, неопходно, да и го вратиме чувството на заедништво, на одговорност над заедничката судбина.

Компромисите сами по себе не се лоша работа. Но, за тоа е потребен политички инстикт, емпатија – како што Ви напишав.

Вака ли ќе се издигнеме над ситните амбиции и тесните партиски калкулации!? Вака, ли, ќе го исполнеме пејсажот на нашите заеднички соништа!? Вака ли ќе ги положиме личните интереси за усовршување на несовршената нација!?

Зошто оваа брзаница!? Зарем, не научивме доволно со Тиранската платформа, на која и го продолживме векот, барем онолку, колку да дојдеме до пред вратите на пеколот!? Зарем Македонците не се молеа подеднакво како и Албанците, ако не и повеќе, за здравје и живот на комшијата од Струга – Села!?

Зарем не беше напишано Преживеа Села, за да не умре Македонија!?

Полека, полека господине Џафери!

Дел од погоре напишаното, го обајвив уште вчера како ФБ статус. Можете да претпоставите какви беа реакциите, иако, однапред наведов: Само без навреди молам!

Мегу другите реагираше и Арбен Бени Шаќири, со јазик пристоен и достоен за него и неговото семејство, со укажување дека е тоа веќе воспоставена практика, илустрирано и со знаме од кабинетот на Талат Џафери, кога беше министер за одбрана.Или, сумирано: За една болва да не го гориме јорганот!

Бени, синко, не ми забележувај, што вака ти се обраќам, тоа е поради родителот, колегата и познаник кого, оваа булумента, предвреме, го испрати на оној свет!. Сета почит кон тебе, Нора, Хисни…Јас, веројатно, не сум првиот албанофил во оваа земја, но сигурно сум мегу последните албанофоби! Истава реченица, од собраниската говорница, му ја кажав на колегата (Бог да му душа прости) пратеник – првиот ректор на тетовскиот Универзитет. А, му кажав и зошто?

Затоа што од истиве орди (во форма на некакви “Заштитни комитети!”) бев “почестен” со пресуда (знаеш каква!?) затоа што го направив (овдека-не веројатно, туку апсолутно првото недржавно радио на албански (и турски) јазик во Македонија. Кај мене почна да го пече занаетот едно младо и надежно момче од Струга, кое после дипломира во Тирана, па го допече занаетот во лондонска редакција и денес е гордост на македонското новинарство, не само во Алсат М, туку и воопшто. Отворено се застапував тој да биде новиот претседател на ЗНМ, зашто знаев дека ќе е “помалку новинар-политичар” од сегашниов!

Значи, не станува збор за тоа дека се “палиме на знамиња”, дека незнам оти со Груевски ја договорија таа “веќе воспоставена практика”, туку станува збор за предупредување – не за “палење”, туку за гаснење на пожари! За постапки што ќе се актуелни на моментот, сеедно дали се тие формално легални и легитимни, или не.Јас само побарав, да се има малку повеќе сенс, во сензитивниот моментум, да се биде голем (и спрема противникот), особено во победата и, на крајот, да се има мудрост за “пошироката слика”.

Ти си паметно момче, ќе ме разбереш.Синоќа, половината од централниот ТВ дневник на Српската телевизија, беше агитација против Македонија, заснована на знамето и на – не баш најсреќната (и за моментот, не баш соодветна и добро обмислена изјава за српски медиум!), на идниот мандатор Заев.

Куманаовскиот ЈНА – војник Дачиќ, во студиото, а Александар Велики Вучиќ, од теренот, во оркестриран напад, со навреди (знамето веќе не врати на БЈРМ!?) и однапред поставен тест: Да ве видиме како ќе гласате наесен во УНЕСКО, па после, ќе се видиме!?

За тоа дека брзите и необмислени постапки, дуваат во едрата на Груевци, веќе напишав.

Ете, не велам дека моето писание е принципилено – до последната точка и запирка.Но, за крај ќе пренесам, писание на друг, не помалку загрижен од мене за заедничката иднина (или небиднина!) ,професорот, режисерот Владимир Милчин:

“Ќе го потсети ли некој Талат Џафери дека е претседател на Собранието на Република Македонија, односно на парламентот во кој има пратеници Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи? Да поставеше знаменца на сите етнички заедници, тоа ќе беше гест. Поставувањето само на албанското знаменце е евтина провокација со која тој ја редуцирал функцијата претседател на македонското Собрание,  на претседател на совет во некоја општина. Собранието е законодавен дом во кој законите мора да ги почитуваат најпрвин тие што ги донесуваат. Претседателот на Собранието не смее да биде партиска марионета, односно експонент на партиските политики кои се само партиски политики, а не закони! Неговиот партиски шеф, Али Ахмети, има обврска да го потсети на тоа. Истото важи и за партиските знаменца во канцелариите на државните/јавните установи, институции, агенции… Партиските знаменца да си ги чуваат по дома! (завршен цитат)”.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе