ПРОБИШТИП: Една од „најжешките“ еколошки точки во државата, старото хидројаловиште, не може да се реши поради лошата политика

Пробиштип, 20.03.2923

Политичката нетолеранција во Пробиштип одново стана пречка за квалитетно решавање на старото хидројаловиште кое на Градот на рударите, а и на дел од регионот, му донесе големи еколошки проблеми по големото излевање на хидројаловината кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. На решение се чека околу педесет години, разни општински и државни раководства се обидувале да најдат решение за него, а годинава, кога се мислеше дека градот ќе се ослободи од тешкиот еколошки товар, како пречка се јавилокалната политичка поларизација.

Имено, на последната седница на Советот на општината не помина точката за интервенција (исправка) во ГУП-от на градот што беше основен предуслов за решавање на проблемот. Во Советот во кој по 7 советници има од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ, а еден советник е од незвисна листа, предлогот за измени во ГУП не беше усвоен. „За“ беа советниците од СДСМ, воздржани беа советниците од ВМРО ДПМНЕ, а советникот од независната листа „мудро“ не се појави на седницата.

Хидројаловиштето
Хидројаловиштето

-Општината изработи проект за санација на хидројаловиштето за на него да можат да се постават фотонапонски централи. Пробиштип за првпат доби ваков проект, а бидејќи се работи за сериозна сума на пари за санацијата од три милиони евра, па со намера тој голем трошок да не падне на товар на општината (граѓаните) одлучивме дека е најцелисходно проектот да го финансира фирмата која ќе ја добие локацијата за инсталирање на фотонапонската централа. За такво нешто имаме заинтересирани фирми кои се подготвени да го прифатат и тој услов, но предлогот за измена на ГУП-от не помина, ни изјави Борче Миланов, претседавач на Советот на Општина Пробиштип.

Првиот човек на општинскиот совет е убеден дека наскоро ќе се најде решение и ќе дојде до промена на Генералниот урбанистички план со што ќе се откочи процесот за решавање на критичната еколошка точка, ќе се реши големиот проблем по животната средина и овој земјишен капитал ќе биде ставен во економска функција од која корист ќе има и општината..

Инаку, ова хидројаловиште зафаќа површина од 55 хектари (550.000 метри квадратни) и на неа е депонирана маса од 11 милиони метри кубни олово цинкова јаловина. Пред една година, во изјава за нашиот портал и за весникот Штипски Глас, Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип рече дека ќе бидат доделени две парцели за фотоволтаични паркови во вкупна површина од 400.000 метри квадратни, а Министерството за транспорт и врски треба да одлучи дали ќе даде согласност за отуѓување (продажба) на земјиштето или истото ќе биде дадено под закуп.

По последната седница на Советот на општината останува горчливиот впечаток дека политичката нетолеранција, во услови кога силите во локалниот парламент се изедначени, а советникот чиј глас е одлучувачки (во вакви ситуации) не доаѓа на седници ќе трпат граѓаните. А дека прашањето воопшто не е наивно говори и примерот од пред околу еден месец кога силен јужен ветер крена облаци токсичен прав од хидројаловиштето и со нив го покри небото над градот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе