Промоција на романот „Неверство“ од Дејан Трајкоски во Софија

 Софија, 1 јуни 2023

– Попладнево, од 18:30 часот, во  Галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, ќе се одржи промоција на романот  „Неверство“ од македонскиот писател Дејан Трајкоски, во превод на Божидар Манов на бугарски јазик.  За бугарските читатели, книгата „Неверство“ е во издание на издавачката куќа „Парадокс“.  За книгата ќе зборува писателката Елена Алексиева, а водителка на вечерта ќе биде Дарина Анастасова.  Романот „Неверство“ раскажува за двајца љубовници родени под несреќна ѕвезда во Македонија во втората деценија на 20 век.  Соне („Сонце“) оди во странство, во Америка, за да се збогати и да ја добие раката на својата сакана Мена („Месечина“).  Средбата на херојот со „другото“ на Новиот свет доведува до своевидно распаѓање на неговата личност, до замаглување на неговите идеали и до најстрашното од сите предавства – она кон самиот себе.  Сепак, „Неверство“ не е љубовен роман заситен со трагедија. Дејан Трајкоски спојува филозофски судови со лоши вести, вешто ги менува говорните карактеристики и стилските нијанси и гради повеќеслојна и длабоко човечка нарација за Историјата, носена од полнокрвни ликови.  Што ако Ромео и Јулија биле родени на Балканот? Или Сонцето и Месечината? Општо земено, нивната љубов би била прозаична метафизика. Изгорено лепче со свинска маст, посипано со полен. Дејан Трајкоски е роден 1977 година. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на романите „Вистина. Љубов. Рашомон“ (2012) и „Неверство“ (2014), како и стихозбирката „Филмови песни“ (2022).  Раководител е и главен уредник на издавачката куќа „Прозарт медиа“, како и креатор и директор на Меѓународниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.  Работел како новинар, филмски критичар, селектор на филмски фестивал, уредник, издавач.  Трајкоски е член на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСИ, Друштвото на македонските писатели и Македонскиот ПЕН центар.  Живее и работи во Скопје.  Романот „Неверство“ е награден со наградата „Македонска книжевна авангарда“ и е преведен на повеќе јазици, меѓу кои англиски, германски, ерменски, арапски, српски и албански.

 Веле Митаноски  

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе