РАДОВИШ го снајде еврејската „Да имаш па да немаш“, ќе поправи ли нешто писмото до Владата?

Радовиш, 27.08.2021

195448367_491447472074790_7092784255131515664_nСо изцрпувањето на рудните тела од кои единствениот рудник за бака „Бучим“ се снабдуваше со бакарна руда и која ја преработуваше во својите погони, спасот за продолжување на животниот век на рудникот е најден во новиот рудник за бакар Боров Дол.

Боров Дол зафаќа локација од територијата на три општини: Конче, Штип и Радовиш.Но, во оваа ситуација Општина Радовиш е најголемиот губитник зашто наместо 1,2 милиони евра колку што од концесискиот надомест инкасираше годишно во општинскиот буџет сега годишно ќе добива само околу 60.000 евра.

Поради ваквата-нова ситуација, Општината со допис до Владата, побара измени и надополнувања на Законот за минерални суровини.

-Со постојниот Закон за минерални суровини нашата општина која има 28.244 жители загуби многу иако рудникот Бучим токму на наша територија опстојува цели 42 години. Откако се исцрпија резервите на рудните тела кои беа во реонот на Општина Радовиш, и се отвори рудникот Боров Дол, ситуацијата по нас драматично се промени на лошо, вели градоначалникот Герасим Конзулов.

Проблемот по Општина Радовиш која со децении и по секој основ најмногу профитираше од рудникот Бучим е во позицијата (локацијата) на рудникот Боров Дол. Имено,овој рудник зафаќа површина од 4,7 километри квадратни од кои, просторно, на Општина Конче и припаѓаат 57,2 проценти, на Општина Штип – 38,3 проценти, а на Општина Радовиш само 4,5 проценти. Согласно процентуалната застапеност секоја општина ќе добива соодветен финансиски надомест по основ на концесискиот надомест. Тоа значи дека Општина Радовиш не може да се надева на повеќе од 60.000 евра годишно, што во општинскиот буџет ќе значи помала сума за 1.140.000 евра!

-Бараме измени и надополнувања на Законот за минерални суровини поради фактот дека рударско-преработувачките капацитети се во рудникот Бучим кој е на територија на Општина Радовиш. На наша територија стопроцентно е и хидројаловиштето во кое се депонира хидројаловината од процесот на производството на концентратот, кој процес се врши во Бучим. Затоа сметаме дека е неопходно да се извршат соодветни измени и дополнувања на Законот за минерални суровини со цел закономерно и одговорно, помеѓу општините, да се изврши распределба на концесиските надоместоци, стои во дописот кој до Владата го испрати градоначалникот Герасим Конзулов.

Конзулов не ни кажа на каква промена во законот тие сметаат, но од наши извори дознаваме дека Општина Радовиш ќе бара 50 проценти од концесискиот надомест да оди во нивниот општински буџет, а другата половина да ја делат општините Конче и Штип.

Радовиш со голема возбуда и надеж чека на одлуката на Владата во однос на нивното барање испратено во месец мај, годинава.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе