Расте бројката на загинати во несреќата во Грција, денеска протести низ земјата

Бројката загинати во судирот на патнички и товарен воз во долината Темби во Грција што се случи завчера пред полноќ се искачи до 46 лица, според официјалната информација од пожарникарските екипи на местото на несреќата, пренесува весникот „Катимерини“.

Од утрово, од вагон-ресторанот, кој бил здробен од вториот вагон во композицијата се извлечени уште седум изгорени тела, соопшти Василис Ватракојанис, офицер за односи со јавноста на противпожарниот оддел.

Продолжува потрагата по преживеани лица и по мртви тела на патнциите. Како исчезнати, се водат уште 19 лица.

Во меѓувреме, тече идентификацијата на телесните останки и лекувањето на повредените. Освен шестмината патници што се на интензивна нега, состојбата на другите повредени лица е релативно добра.

Местото на несреќата е меѓу градот Лариса и туристичкото крајбрежно гратче Неи Пори, популарна дестинација на летувалците од Македонија и Србија.

Вината за несреќата вчера ја призна шефот на железничката станица „Лариса“. Тој не само што признал дека го насочил патничкиот воз на погрешниот колосек, туку и кажал дека не бил свесен за тоа додека не слушнал за трагичната несреќа. Според грчките медиуми, тој во испрашувањето денеска во рамки на истрагата, рекол дека претходно пропуштил локален воз, а потоа заборавил да ја премести свртницата и возот од Атина за Солун со 342 патници и 10 членови на екипажот го пуштил на колосекот на кој во спротивниот правец сообраќал товарниот воз.

Втората причина е и што не постоел функционален систем за контрола и безбедност.

Тој е обвинет за кривично дело телесни повреди и убиство без намера поради сериозно невнимание, како и за нарушување на безбедноста на сообраќајот. За ова последно дело би можел да добие затворска казна од 10 години до доживотно.

Според „Катимерини“, тој бил назначен на позицијата пред неколку месеци, по кратка обука.

Додека вчера се протестираше пред дирекцијата на грчката железничка компанија во Атина, денеска ќе се протестира пред владата, при што ќе се бара оставка од целата влада. На вчерашниот протест демонстрантите се судрија со полицијата. Вчера имаше протести и во Солун и во Лариса.

Пред грчкиот парламент денеска протестираат студентите заедно со синдикатите.

Вчера попладнето оставка поднесе грчкиот министер за инфраструктура и транспорт, Константинос Караманлис, но на протестите во Атина, Солун, Лариса, се бараше оставка од целата влада.

Грчките железничари денеска исто така протестираат и нема железнички сообраќај, а граѓани протестираат заедно со железничарите на железничките станици.

Во Солун почнаа протести на различни здруженија против недоволната контрола од страна на владата врз приватната компанија што го врши железничкиот сообраќај во Грција.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе