Синоќа на Голак се славеше традицијата и фолклорот

Делчево, 09.08.2018

Синоќа под ѕвезденото небо на Голак, покрај манастирот „Св. Пантелејмон“ илјадници посетители од Делчево, Виница, околните општини, иселеници од регионот и гости од соседна Бугарија и Борнова Турција беа дел од 24. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби“.

 Играорците од Копачка секогаш воодушевуваат
Играорците од Копачка секогаш воодушевуваат

На летната сцена со својот фолклор продефилираа над 200 учесници од 10 фолклорни друштва од Македонија, Србија и Бугарија. Фестивалот го отвори градоначалникот Трајковски кој во своето обраќање,  потсети на идејата за раѓање на фестивалот.

„Овде на ова место жители на Делчево и на Виница, но и на околните населени места, редовно доаѓале ноќта спроти празникот „Св. Пантелејмон“ за да преспијат во манастирот барајќи лек за душата и телото. Оваа вековна традиција, група ентузијасти од Делчево ја препознаа како одлична можност, овде на врвот Чавка под ѕвезденото небо на Голак да се роди фолклорен фестивал кој ќе го збогати стариот црковно-народен собир, но пред сѐ, ќе го промовира фолклорот, изворната традиција, ороводното богатство со печат на идентитетот на еден народ“, истакна Трајковски.

Фестивалот се гради 24 години, а последниве години го носи епитетот Меѓународен.

„Наша обврска и понатаму останува да го надградуваме фестивалот и сѐ повеќе да го обојуваме со меѓународни бои, и овде на Голак, да има широка палета од народни носии, изворни орски и вокални традиции уникатни за одредени подрачја.  Фолклорот вечерва на Голак обединува, но и го промовира културното живо наследство чувајќи ја традицијата“, рече Трајковски.

Фестивалот е во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и на Општина Делчево,   финансиски е поддржана од Министерството за култура, но за прв пат, поддршка фестивалот има и  од Агенцијата за поддршка и поттикнување на туризмот со што овој настан се пакува како производ за туристичка промоција на регионот. Директорот, Љупчо Јаневски, кој беше присутен на Голак,  истакна дека поддршката на оваа манифестација претставува сигнал дека Агенцијата сериозно размислува овој крај да го развива како туристичка дестинација.

„Голачките фолклорни средби“  се на листата на 21 поддржана манифестација во Република Македонија поддржана од АППТ и претставува значаен елемент кој и понатаму ќе се промовира во сите промотивни материјали на агенцијата за 2019/20 година, рече директорот на АППТ“, Љупчо Јаневски.

Општина Делчево додели благодарници на учесниците на Фестивалот,  додека ФГ „Копачка“ која годинава слави 70 години постоење, за својот посебен придонес во промоција на изворното културно наследство од Пијанец и за живиот од на уникатното оро „Копачка“, доби посебна плакета.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе