СИТУАЦИЈАТА ВОНРЕДНА – ОДНЕСУВАЊЕТО (БЕЗМАЛКУ) РЕДОВНО!?

На стравот очите му се големи!

Дали, во оваа ситуација,  треба да сееме страв  и паника? Никако!

Дали, во оваа ситуација, треба да шириме паника и лажни вести! Никако?

Дали во оваа ситуација треба да ги затвораме очите, пред големата невидлива ламја која сее пустош, проголтува иљадници луге во Европа?  Само во Италија, бројот на починатите, е поголем од оние во “далечната!” Кина! Десетина лекари ги дадоа животите – во првата лчинија за спас на својата нација, бројот на заразените медицински лица, се ближи до иљада!

Дали пораките од апокалиптичните сцени во Италија,  допираат и до нас? И да и не!!!

За жал (или за среќа)  ние воведовме најстрога мерка, прогласивме вонредна состојба, затоа што ситуацијата е вонредна. Но,  дали се однесуваме вонредно. За жал не!

Во продавниците сеуште пазарат “и младo и старo”!  Во продавниците и аптеките сеуште се влегуѕва без заштитни маски!  Ама ги немало?  Навистина ги нема за сите, но ќе замолиме, наместо нас, да влезе некој што ги има.

По улиците сеуште се рашетуваат мои врсници. Нормално – без маски. Тоа, и  не е толку страшно, но страшно е кога не гледаме што се случува околу нас.

ГОСПОД ЌЕ НИ ГИ ЧУВА ДЕЦАТА И ВНУЦИТЕ, САМО АКО СИ ГИ ЧУВАМЕ САМИТЕ

Прошетав и јас (професионална љубопитност), но, сам со возило, почитувајќи ги сите препораки за социјална дистанца. Оддалеку со рака им замавнував на пријателите. Инаку, во принцип, основното средство за искажување љубов кон саканите и пријателите, ми е телефонот.Тој е корисен и од психолошки, да не кажам психијатриски аспект. Пред легнување, ако не почесто, зазвонете до децата и внуците – помирно ќе спиете. Помалку кошмари ќе имате.

Нема да ми верувате, но сеуште има поединци кои се шегуваат, како што сите си правевме шеги и вицеви – “за змиите и љиљаците!”. Но,  тие што јадат змии и љиљаци, ете се спасија. Има една досета, за тоа – што јадиме ние? Од пристојност нема да ја кажувам.

Старите европјани, дури и настарите, оние што јадат кавијар и тартуфи, сега страдаат. Не било ниту до љиљаците, ниту до кавијарот. Заразени се сопругите на премиерите,  заразен е и принцот од Монако, Алберт II. Државник, формално шеф на држава, владател на едно кнежество!!!

“Ако било пишано, ќе дојдело”!?  Луге мои, нема ништо пишувано, освен она што самите си го пишуваме!

“Господ бил Голем, ќе не чувал”!? Луге мои,  Господ е навистина Голем, сполај му  Нему, но Господ е голем само ако ние не сме мали во акалот.  Господ ќе не чува, само ако се чуваме ние самите. Во случајов, на нас постарите, ако си ги чуваме своите деца и внуци, нашите комшии, нашите пријатели, нашата нација.

Како ќе си ги зачуваме најмилите? Само ако се чуваме ние постарите. Не заради нас, ни сме традиционална, конзервативна нација, нација која проповеда заминување од овој свет – по некаков старосен ред.

Но, сега, ете дојде време, ние постарите, да бидеме “егоисти!”, во однос на нашите внуци!?

КАРАКАМИШЕВА, СЕПАК, И СО СЕТА ДОЛЖНА ПОЧИТ, НЕ Е АДЕКВАТЕН СОГОВОРНИК ВО ЗДРАВСТВЕНА НЕПОГОДА!

Да, логиката е превртена, но така е. Децата и внуците ќе си ги дочуваме само ако, чувај си се себеси, ќего зачуваме здравствениот систем. Филипче, како метафора на нашето здравство, не семеоќен, не е н иту спајдермен, ниту супермен. Филипче е само еден одговорен  човек (по охридски – убав чоек), кој,  ете,  се нашол во ситуација  да работи 24/7 и да мора да остане ладен и прибран, во услови кога некој  “колега” – карикатура од мојата професија, едвам  чека да му дојде на нишан Филипче, за врз него да си ги истура своите фрустрации!!!

Колеги, тоа повеќе не оди така. Нашата еснафска асоцијација мора да реагира. Редакцијата, освен ако самиот за себе не си е редакција, треба да му рече доста беше бате, седи дома! Не можеме ние сите да седиме дома,  да ги пуштаме нашите блиски во амбуланите и болниците, за навечер да слушаме како некои дебелокожци  се изживуваат – не со Филипчета, туку со сите нас.

ОДНЕСУВАЊЕТО НЕ Е СООДВЕТНО НА СИТУАЦИЈАТА – ВЛАДАТА МОРА ДА ГИ СПРОВЕДУВА СИТЕ МЕРКИ И АЛАТКИ КОИ И СТОЈАТ НА РАСПОЛАГАЊЕ

Веќе напишав. Сликата од улиците не е соодветна на крајно опасната ситуација. Вчера, околу 15 часот, во населбата попозната како “ Расадник” , во заградено игралиште со висока жица, веднаш до сообраќајницата, спортуваше поголема група на деца и млади. Неколку десетици, на мал простор!Нормално, дека се фатив за мобителот и ги “исшпиунирав” онаму каде треба. Направете го и вие тоа позитивно кодошење.  Во наше време тоа се викаше – сите во одбрана и заштита.

Ако ние не сакаме да се откажеме од старите навики, и да си го сопреме своето движење, особено преку ден, навечер и така не сме  премногу мобилни, во тоа треба да не спречи владата. Да не спречи и најстрого да не санкционира. Србија воведе најстроги мерки, особено кон  постарата популација. Сега тоа го прави и Хрватска. Мегу  анкетираните од телевизиските екипи, нема такви кои негодуваат и не ги одобруваат мерките. Од никој добронамерен тоа нема да го слушнете.

Ги следам, од немајкаде и од зорзоман, сите дебати, на телевизиите од соседните земји, но и подалечните. Признавам, нашите поретко. Некои, затоа што водителите и водителките сакаат расположивото време да го споделат “Вин-Вин!”, во однос на гостите, односно соговорниците!Колеги и колешки, во вакви времиња, одстапете им го сиот временски ресурс  на експертите од здравството, во некои други времиња, ние  ќе покажуваме колку сме паметни,образовани и начитани.

Некои, затоа што и нема фајде од тоа “да не се заспие (ако можеж!)”  ако сонот  ти го потроши Каракамишева, со ламенти над политиката и за политиката.

Ние немаме потреба од тоа. Политиката, и така, ни е преку глава.

Колеги, луге, сторете се да си го зачуваме здравството, само преку него, ќе си ги зачуваме децата,внуците, комшиите, пријателите, СИТЕ!

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе