СЛАВЈАНСКИ: Промовирана книгата „Лево-десно“ од универзитетските професори и поранешни министри во различни влади Никола Поповски и Трајко Славески

Свети Николе, 16.09.2021

На Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе денес беше промовирана книгата „Лево-десно“ (економијата низ две перспективи) од универзитетските професори д-р Никола Поповски и д-р Трајко Славески. И Поповски и Славевски беа политички активни, првиот во семејството на левицата (СДСМ) вториот на десницата (ВМРО ДПМНЕ) , а во еден период имаа и министерски функции и оттука инспиративното име на книгата „Лево-десно“.

Издавач на книгата за која беше речено дека е единствена од ваков карактер во државата е Матица Македонска, а нејзин рецензент Зоран Јовановски, сопственик на бизнис магазинот „Економија и бизнис“.

-Идејата беше едноставна, а сепак, истовремено речиси невозможна да се реализира: двајца домашни експерти од висок калибар, препознаени од општеството по својата позиција во политичкиот спектрум,  да пишуваат на иста тема, секој од својата идеолошка гледна точка.Но, вредеше да се проба. Кога при крајот на 2018 година, како сопственик на печатеното бизнис списание „Економија и бизнис“ и некој што е длабоко вклучн во урдувањето и содржината на списанието им го понудив тоа на професорите Никола Поповски и Трајко Славески-тие го прифатија предизвикот. Така се роди рубриката „Лево-десно“, рече промоторот Зоран Јовановски.

Во книгата се содржани дваесет теми на кои секој од авторите фрла свој поглед од стручен аспект, што значи дека се објавени вкупно 40 колумни од оваа област.

Темите се од „Улогата на државата во економијата на земјата“ (Поповски-лево) односно „Државата меѓу „ноќен чувар“ и Левијатан“ (Славески-десно), па темата „Колкав треба да биде буџетскиот дефицит на нашава земја“ (Поповски), односно „Оптимален буџетски дефицит до економски раст преку владини субвенции, про и контра“ (Славески); „Минималната плата-кој е вистинскиот пристап “ (Поповски) и „Сјајот и бедата на (од) минималната плата“ (Славески) и се до темата „Светската економија, до вакцината и по неа“ (Поповски) и „Предизвиците на светската економија“ (Славески). И многу други исклучителни текстови од двајцата врвни економисти објавувани во списанието „Економија  и бизнис“ во последните две години.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе