Собранието, по три недели расправа, ги изгласа четворицата нови министри во Владата

На предлог на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, доцна вечерва, со мнозинство гласови, Собранието ги избра четворицата нови министри: Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда; Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство; Азир Алиу, министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање

На предлог на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, доцна вечерва, со мнозинство гласови, Собранието ги избра четворицата нови министри: Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда; Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство; Азир Алиу, министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.

Реконструкцијата на Владата доаѓа откако во владејачкото мнозинство влезе и Алијанса за Албанците што беше причина дотогашниот партнер, партијата Алтернатива, да замине во опозиција.

Оттаму, тројцата нови министри, Лога, Меџити и Алиу доаѓаат од Алијанса за Албанците, а Шукова е од редовите на СДСМ.

„Како Влада, продолжуваме, ефикасно да ги спроведуваме реформите во интерес на граѓаните и ќе го зајакнуваме парламентарното мнозинство, по трасираниот, европскиот пат, со цел членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, како национален и стратешки државен интерес“, изјави Ковачевски, додавајќи дека реконструкцијата не ја правел според имиња или лични и партиски интереси и дека станува збор за квалитетни кадри.

Новите министри вечерва пред полноќ дадоа свечена изјава пред пратениците, со што официјално ги презедоа функциите.

Нивниот избор во Собраниетто траеше точно три недели, а во обраќањата пратениците со денови меѓусебно се обвинуваа за криминал и за корупција.

Спикерот во Собранието, Талат Џафери на денешната седница ги констатираше и разрешувањата на замениците министри за одбрана, Башким Хасани, за земјоделство, Абдулшуќур Абедини, и за образование – Лулзим Алиу.

На предлог на премиерот Ковачевски на нивно место ќе дојдат Тирон Јајага за одбрана, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука, а именувани ќе бидат и Викторија Аврамовска-Матиќ за заменик-министер за правда и Маја Манолева за заменик-министер за здравство.

Седницата продолжува утре со изборот на замениците министри, а за збор се пријавени 40 пратеници.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе