Стефан Миленковиќ: Охрид и „Охридско лето“се составен дел на мојот живот

Охрид, 22 јули 2019

– Со Охрид и Охридско лето ме врзуваат спомени уште од детството. За мене тоа се многу повеќе од само култура и фестивал. Тие се составен дел на мојот живот.

Вака денеска, ја започна прес конференцијата, големиот вируоз на виолина со светско реноме, Стефан Миленковиќ од Србија, кој, утревечер,  ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ.

Виолинистот Миленковиќ не го криеше задоволството што е повторно во Охрид, каде, како што рече, има прекрасни спомени од детството и многу пријатели. За концертот што ќе го одржи утре, тој најави дека станува збор за добро одбрана, летна, но квалитетна програма.

-Се надеваме дека концертот утревечер ќе и се допадне на публиката бидејќи се работи за атрактивна програма. Ќе има од се’ по малку. Сите дела со кои ќе настапиме се многу важни. Ќе почнеме со бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната со многу енергија, ремек дело зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено. Потоа ќе има еден балет, „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински. Од него е направена свита во кусо издание од 20-тина минути. Во вториот дел започнуваме со македонска премиера, дела на италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано.  Потоа ќе следува делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски. На крајот ќе отсвириме валц-скерцо од Петар Илич Чајковски, најави српскиот виртуоз на виолина Стефан Миленковиќ, не откривајќи какво изнедаување подготвува за публиката што утревечер ќе го  следи нивниот настап.

Неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ, истакна дека првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“ , но редовно ја следи и чита за фестивалската програма преку интернет.

-„Охридско лето“ е еден од најзначајните фестивали во овој дел од Европа, и токму поради тоа, голема е честа да се настапи овде. Секоја година ја следам програмата преку интернет, и се радувам што има одлични концерти и фантастични уметници, рече Милошевиќ.

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција истакна дека и по единаесет дена од отпочнувањето на 59-тото фестивалско издание со спектакуларниот концерт на големата виолинистка на денешницата, Ванеса Меј за кој се бараше карта повеќе, Охрид, во текот на изминатите денови е вистински град на културата преку фестивалските концерти кои  се исполнети до последно место.

-Имавме извонредно талентирани и маестрални уметници кои донесоа незаборавни вечери за публиката што ја имаме од сите светски меридијани. Со извонредни уметници се одржаа  Полската вечер и Вечерта на Европската унија,  а синоќа фестивалската публика беше воодушвена од Омажот на Георг Фридрих Хендл што го приреди италијанскиот ансамбл „Дорико“ совршено владеејќи со барокните инструменти. Фестивалската публика имаше ретка можност да ужива и во прекрасната балетска претстава   „Либертанго“ на Националната опера и балет на Република Северна Македонија што се одржа во реконструираната сцена „Долни Сарај“.  Исто така и драмската програма предизвика голем интерес кај посетителите. Гледалиштата за претставите беа исполнети до последно место што ни дава за право да оцениме дека сме направиле квалитетна програма со која го продолжуваме трендот на успешни фестивалски изданија, нагласи директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.

Концертот на Стефан Миленковиќ и Владимир Милошевиќ ќе се одржи утревечер во црквата „Света Софија“ со  почеток во 21 часот.

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе