Студентите што земаа пониски стипендии добиваат покачување

Околу 2.700 студенти, корисници на стипендии од изминатите академски години, ќе добијат покачување на средствата, односно наместо досегашните 3.000 денари, овие студенти ќе земаат стипендија во висина од 6.050 денари, информираше Министерството за образование и наука (МОН).

Студентите корисници на оваа категорија стипендии во текот на идната недела ќе бидат информирани за начинот и постапката за регулирање на ова право, додаваат од МОН.

Одлуката да се изедначат стипендиите за овие студенти следува по утврдената индиректна дискриминација од страна на Комисијата спречување и заштита од дискриминација, откако МОН во 2021 година ги покачи износите на стипендиите на 6.050 денари, но само за тие што ќе аплицираат на новиот конкурс, додека студентите што правото на стипендија го оствариле пред 2021 година, продолжија да ги земаат старите и пониски суми.

Мета.мк во неколку наврати пишуваше за овој проблем, а студентите поднесоа и онлајн петиција која собра над 8.000 потписи. Покачување на стипендиите се очекува да има и за учениците во средните училишта кои беа оштетени на ист начин.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе