ТРАЈКОВСКИ: Успешен попис е наша должност кон идните генерации

Делчево, 24.03.2021

Од денеска започнуваат обуките за инструкторите, а согласно со податоците на Општинската пописна комисија за реон 2 за Делчево и М. Каменица, обуките за попишувачите ќе започнат од недела 28 март. Во Општинската пописна комисија, пристигна и потребната опрема, како и средствата за дезинфекција, маски и слично согласно со протоколите за заштита од ковид 19.

164513490_287965219494470_5887921293703983651_nГрадоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски, истакна дека радува фактот што подготовките за спроведување на најголемата статистичка операција на која чекаме 20 години, се одвиваат без проблем во Делчево.

-Податоците од Пописот се потребни за сите, на општината, на бизнис -секторот, на невладиниот сектор и на самите граѓани. Општините можат да го планираат својот развој и да носат одлуки за инвестициите (дали ќе градат станови, училишта, градинки, детски игралишта, библиотеки, амбуланти, домови за стари лица); ќе можат да ги планираат услугите што ги даваат на граѓаните, ќе можат да ги планираат и правилно трансферираат буџетските средства со кои располагаат, а истовремено ќе имаат и основа за побарување повеќе средства, како буџетски така и од ЕУ- фондовите , рече Трајковски.

Трајковски порача дека бојкотот и неучеството во пописот е антидржавен чин, казнив со закон.

-Повикот за бојкот е најлошата одлука што може да ја донесе некој политички субјект, бидејќи носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно;  повикот за бојкот е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект. Успешен попис е наша должност кон идните генерации.

Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата, порача Трајковски.

Инаку, согласно со податоците на Општинската пописна комисија за реон 2, односно за Делчево и М. Каменица, а врз основа на успехот од тестирањето, територијалната распространетост, правичната застапеност и социјалната структура, од пријавените кандидати избрани се 72 попишувачи, 7 инструктори и 7 резеревни попишувачи или вкупно 86. За Општина Делчево избрани се 52 попишувачи, 5 инструктори и 5 заменици- попишувачи, додека за Општина М.Каменица избрани се 20 попишувачи, 2 инструктори и 2 заменици попишувачи.

                                                                                                  Даниела Такева

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе