Штипскиот градоначалник не сака или не му даваат?

Штип, 02.02.2017

  • Зошто „багабонтот невиден“, како што во бомбите го окарактеризираа неговите сопартијци, не може да добие нова кандидатура за градоначалник?
Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Илчо Захариев, штипски градоначалник, на прес конференција објави дека не конкурирал на партискиот оглас за нов градоначалнички мандат. Преполн со себе, Нарцис каков што Штип не памети, Илчо рече дека ветил 129 но направил над 400 проекти. Па уште се пофали дека тоа никој пред него не го направил и како Баба Вањга предвиде дека такво нешто никој по него долго нема да може да направи.

Илчо Нарцисоидниот не ја испушти приликата да каже дека за него сите луѓе биле исти, дека ја имал подршката од штипјани кои го респектирале неговото „вложување“. Па уште додаде дека работел домаќински, дека вратил многу долгови (кога ја презеде функцијата не спомна дека наследил долгови, па не е јасно какви и чии долгови  враќал тој). На крајот порача дека неговата професија е фармацевт и дека таа му нудела нови предизвици. Веројатно мислел на предизвиците кои фармакологијата му ги нудеше кон средината на деведесетите години од минатиот век кога беше приведуван од полицијата поради „можностите кои му ги нудеше фармацијата“.

Но, да не се лажеме.

Илчо не дека не сака туку нему сосема децидно му е кажано од највисоката инстанца на ВМРО ДПМНЕ да не смее ниту да помисли да бара нов мандат. А зошто тоа му се случува на човекот кој тврди дека направил за Штип толку колку што никој пред него не направил, а нема да направи и никој после него?

Затоа што благодарение на Илчовата „политика“ ВМРО ДПМНЕ денес во оваа општина има дури три струи, од кои во двете се вмровски членови со подолг стаж кои Илчо не можат да го смислат ни под разно. Токму таквите му ставиле до знаење на Груевски но и на другите од највисоката партиска структура дека ако Захариев добие можност за нов мандат тие ќе излезат на избори со независна кандидатска листа за градоначалник и за советници.  А тоа веќе би значело дека на СДСМ му се отвораат сите божји патишта за превземање на локалната власт во Штип.

Ете само затоа Илчо Нарцисоидниот не се осмелува да бара нов мандат. И само затоа ВМРО ДПМНЕ, за новите локални избори кои се за два до три месеци, ќе бара кандидат за градоначалник со длабоки штипски корени.

Понатаму:

И на Илчо му е јасно дека поголем дел од штипјани го титулираат него како мало, злобно, осветољубиво човече кое, во изминатите четири години напросто уживаше да уништува луѓе и семејства.  Во опфатот на неговиот злобен видокруг најмногу биле членови на неговата партија, ги имало и од СДСМ како и лица без било каква политичка легитимација, јавни личности, поранешни директори, актуелни спортисти, новинари…. Секој кој за него јавно кажал, напишал, објавил, на улица потенцирал нешто лошо бил подложуван на негова тортура.

Јасно како бел ден е дека огромен дел штипјани не сакаат повеќе Нарцис за градоначалник. Не сакаат злобник, фалбаџија, уништувач на семејства, не сакаат повеќе личност со проблематично минато.  Такво како што во бомбите го окарактеризираа негови сопартијци именувајќи го Илчо како „Багабонт невиден“ кој си создал висок рејтинг по принципот лизна-мазна.

Ете само затоа Илчо Нарцисоидниот не се осмелува да бара нов мандат. И само затоа ВМРО ДПМНЕ, за новите локални избори кои се за два до три месеци, е во потрага по кандидат за градоначалник со длабоки штипски корени.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе